Каков би бил фудбалот без мене? Вакво прашање му стои да си го постави само човек како Мурињо кој обожува да ја скокотка јавноста и медиумите. Но тоа е всушност позната фраза на славното тренерско име кое додека испишувало спортска историја, Мурињо собирал сликички за светско.
Еленио Ерера е поранешен аргентински тренер починат во 1997 година, кој во Италија ги водел екипите на Интер, Рома и Римини, а во Шпанија меѓу другите клубови седел и на тренерското столче на Барселона, Атлетико Мадрид и Севиља.
На чизмата бил познат под прекарот Il Mago или магионичар и прв тренер кој имал статус на ѕвезда. Важел за голем мотиватор во соблекувалната, а за да ги мотивира своите играчи најважните пароли ги закачувал на ѕид. Го споредуваат со Мурињо и поради бурниот начин на прослава, како и говорите за време на прес конференциите.
Постарите навивачи на Интер ако треба од историската 2010 година на Мурињо да се вратат поназад на најголемите успеси на клубот, веднаш ќе го споменат неговото име. Ерера со Интер освоил 3 Скудета (1962-63, 1965-65 и 1965-66), 2 титули во Лигата на шампионите (1963-64 и 1964-65) и 2 Интерконтинентални купови (1964 и 1965).
На истиот начин на кој Масимо Морати се заљуби во Мурињо, така неговиот татко и поранешен претседател на Интер, Анџело Морати го засакал начинот на кој работел Аргентинецот.
Големиот Интер во тоа време бил познат по традиционалниот италијански тактички систем на играње одбрана со прославеното Катеначо. Но стилот на Херера бил поразличен и тој барал многу динамична игра од своите играчи со пресинг во кој никој не смеел да застане.
Во 1968 година се случил сосема неочекуван потег кога Херера го напуштил Интер и ја презел Рома каде се очекувало многу од него. Но за време на пет годишниот престој тој не успеал да го одведе тимот погоре од шестото место во првенството. Единствениот трофеј со овој тим му бил во Купот на Италија.
Најважниот датум поврзан со него, кој ќе остане запишан со златни букви во историјата на Интер е 27 мај 1964 година кога успеал во финалето од Лигата на шампионите да го изненади моќниот Реал Мадрид предводен од славните Алфредо Ди Стефано и Ференц Пушкаш со 3:1.
Италијанците биле предводени од познатиот Сандро Мацола кој постигнал два гола на таа средба, додека третиот погодок бил дело на Франсиско Хенто. Меракот за навивачите на Интер бил уште поголем затоа што една година претходно тој пехар го подигнал тимот на градскиот ривал Милан.
Успехот да се победи еден од најсилните тимови на сите времиња не бил случаен. Херера работел напорно и темелно, а од своите играчи барал само успеси. Следната година ја одбранил титулата, а во финалето паднала славната Бенфика на Еузебио.