Гризман ќе ви каже со кој клуб игра дома Фудбал Менаџер

По убавиот расказ на тренерот на Тотенхем грчкиот Австралиец Ангелос Постекголу кој раскажа со каков ќејф играл и уште игра Фудбал Менаџер, сега и супер ѕвездата на Атлетико Мадрид му се придружи.

Љубителите на Фудбал Менаџер, една од најдобрите видео игри некогаш направени, имаат многу теми на муабет периодов.

По тренерот на Тотенхем кој рече дека играл со Саутенд, ги внел во Лига на шампиони и кога очекувал да му изградат статуа пред стадионот, добил отказ и во реалниот живот бил фрустриран и разочаран, сега и Гризман има јак муабет.

Во интервју за ЕСПН, новинарот го прашува Гризман играш ли Фудбал Менаџер? - Играм, вели расниот стрелец. Со кој тим? - Со Блекбурн. И како ти оди? - Во втора лига (Чемпионшип) сум на шесто место. Нема критики од управата? - Управата е презадоволна. Сакаат да ми го продолжат договорот (на Фудбал Менаџер). Кого купи сезонава во тимот? - Ммм, млад десен бек кој беше во Ливерпул. Шкотланѓанец е но не можам да му се сетам на името“, вели Антоан Гризман.

Англиските медиуми веднаш од прва сфатиле дека се работи за големиот талент од Шкотска Калвин Рамзи кој од Абердин дојде во Ливерпул и го засили тимот на Јирген Клоп. Но наскоро Рамзи беше пратен на позајмица во второлигашот Престон Норт Енд.

15 декември 2023 - 09:52