Грешките на ФИФА

За само неколку месеци челниците на ФИФА направија толку многу грешки заради кои дури може и да ги загубат своите фотелји.

Контрадикторноста за Катар 2022
Многу прав се крена околу изборот уште во декември 2010-та кога ФИФА му ја додели организацијата на Светското првенство во 2022-та година на Катар, но многу е чудна и контрадикторноста на челниците.

Најпрвин Блатер цврсто застана зад проектот, но минатата година изјави дека „можеби било грешка што му го доделиле Мундијалот на Катар".

Нова контрадикторност следеше во средата кога најпрвин Жером Валке изјави дека првенството ќе се одигра во зима, но по неколку часа стигна соопштение од ФИФА со кое го демантираа својот генерален секретар, информирајќи дека одлука околу терминот ќе биде донесена во декември.

Нема потреба да ги споменуваме скандалите околу Катар 2022 поврзани со „робовите" и корупцијата со која оваа земја го доби првенството.

Извлекувањето за СП 2014
Многу контроверзност имаше и околу извлекувањето на групите за Светското првенство во Бразил. ФИФА одлучи да помести една од деветте европски репрезентации во друг шешир. Најслабо рангираната репрезентација - Франција го смени шеширот и си доби група со Швајцарија, Еквадор и Хондурас. Италијанците пак збеснаа откако се паднаа во група со Англија, Уругвај и Костарика.

Блатер откачи на Оксфорд
Претседателот на ФИФА се изглупира пред студентите на Оксфорд со чудни споредби помеѓу Меси и Роналдо и со обидот да го изглуми Кристијано. Подоцна се обиде да се извини, но неубедливо.

Гласањето за Златната топка
Гласањето за најдобриот фудбалер за 2013-та година заврши на 15 ноември, но откако Роналдо блесна на баражите за пласманот на СП, ФИФА преку ноќ реши да го продолжи рокот за гласањето и да му ги зголеми шансите на Португалецот. Сеп Блатер внесе и дополнителна конфузија откако изјави дека во потесниот круг ќе бидат избрани пет наместо тројца фудбалери, но набргу беше демантиран од ФИФА.

10 јануари 2014 - 14:05