Одигра ли ФИФА за Кристијано Роналдо?

Гласањето за најдобар фудбалер за 2013 година заврши на 15 ноември, но така повеќе не мислат луѓето од Светската куќа на фудбалот кои откако завршија бараж средбите за Мундијалот во Бразил одлучија да го продолжат рокот за гласање.

По само неколку часа по завршувањето на првите бараж средби за Светското првенство во Бразил пред пет дена, заврши и гласањето на ФИФА за најдобар фудбалер за изминатата година, но од нејасни причини селекторите и капитените на репрезентациите сега добија шанса истото да го сторат најдоцна до 29-ти овој месец.

Годинашниот фаворит според кладилниците за освојувањето на ова признание е Франк Рибери кој стигна до тројна круна со Баерн Минхен, но познатите шпански медиуми почнаа да шпекулираат дека ова пролонгирање е масло на ФИФА, која по вчерашното феноменално издание на Кристијано Роналдо сака да му обезбеди предност за освојување на Златната Топка.

„Немам зборови, ФИФА и Франс Фудбал го продолжија гласањето кое веќе беше завршено и тоа секако дека веднаш буди сомнежи. Мислам дека не треба да бидете генијалци за да сфатите дека оваа одлука оди во корист на Роналдо", напиша новинар на Твитер од шпанскиот весник Мундо Депортиво.

Весникот кој важи за близок до Барселона не се возбуди многу од оваа неочекувана вест, но потсети на конечниот датум за гласање, а ја илустрираше и сликата со Лионел Меси на која ги држи четирите освоени признанија во низа.

Во мадридскиот печат информацијата од ФИФА беше добродојдена, а по вчерашниот натпревар на Португалија следеа и големи пофалби за Роналдо.

„Неверојатната партија на Кристијано Роналдо и продолжувањето на гласањето целосно ја поништува листата на фаворити според кладилниците за освојувањето на Златната Топка. Роналдо сега оди на првата позиција пред Франк Рибери, а Меси се наоѓа на трето место", стои во натписот на весникот „АС".

„Марка" направи анкета на своето онлајн издание во кое ги праша читателите дали со продолжувањето на рокот за гласање Роналдо е поголем фаворит, а од 4.000 гласачи 81% одговорија „да".

Дополнителна конфузија околу наградата донесе и изјавата на Блатер кој рече дека оваа година во потесен круг ќе бидат избрани петмина фудбалери, но ФИФА тоа го демантираше и потврди дека како и секоја година ќе бидат обелоденети имињата на тројцата кандидати за првото место кои ќе ди дознаеме на 9 декември.

20 ноември 2013 - 21:57