Пред три месеци португалските навивачи го гледаа Едер како 13-то прасе во репрезентацијата и го исвиркаа на пријателскиот меч против Белгија (2:1) поради очајните партии цела сезона. Тоа се случи кога скромниот напаѓач стана од клупата и влезе во последните триесет минути.
Главната причина поради бесните коментари на негова сметка не е поради некои лоши постапки или непримерно однесување, туку поради тоа што португалската јавност долго време го чекаше наследникот на Нуњо Гомеш, а Едер никако не ги исполнуваше очекувањата дека тој е правата деветка.
Конечно се извлече од продолжената криза и тоа на каков начин, со гол во продолжение на финале на Европско првенство. А кризата беше најдлабока во првата полусезона од 2015/2016 кога на 13 меча за Свонси имаше - 0 голови, 0 асистенции, само 4 удари кон голот и 1 во рамките на голот.
Кога во текот на зимскиот преоден рок минатава сезона Едер изненадно прејде во Лил, раководството на францускиот клуб морал да го оправдува кај збунетите навивачи овој чуден избор. Топ менаџерот Жан-Мишел Ван Дам изјавил: „Не очекувајте чуда, но цената е таква што ризикот вредеше, затоа што човекот би можел да се отвори со голови“.
Така и се случи. Работата со Софиан Буфалем и Морган Амалфитано го разбуди Едер: вешто ја користеше брзината и покрај 188см и 85 килограми на него и конечно на 13 меча даде 6 гола со 4 асистенции. Во мај годинава, Лил го купи Едер од Свонси и Португалецот потпиша 4-годишен договор. Едер во Франција го нашол мирот и излегол од драматичната ситуација која што шест месеци го следеше во Велс.
„Во Англија на почеток не можев да се навикнам на новото првенство, потоа се повредив, а на крајот се смени и тренерот. Не бев во предвид кај новиот тренер, но во Франција покажав многу особини поради кои ме ценеа", вели Едер.
Роден е во Гвинеа Бисао (португалска колонија во Африка) и на три години со семејството се преселил во Лисабон. Мајка му и татко му побегнале од афричката сиромаштија и беда, но не можеле да најдат пристојна работа. Со цел да се обезбеди соодветно образование на синот, морале да го пратат во специјалниот интернат O Girassol во градот Коимбра (210 километри од Лисабон).
Тука Едер живеел од 8 до 18 години: Секој ден станувал во 7 сабајле, одел во школо со жолтиот детски автобус, а на враќање ги повторувал лекциите под надзор од туторите. Се занимавал со музика и други активности во развојот на таа возраст.
Интернатот по многу нешта личел на дом за деца - само што родителите биле познати, а децата тука ги запишувале поради недостиг на пари. Мајките и татковците се надевале дека ќе најдат добра работа и ќе ги вратат децата, но по правило тие останувале во интернатот до крајот.
„Ми беше тешко да растам без семејство, но многу корисно за созревање и секако за фудбалската кариера понатаму. Да и тоа како ми беше тешко кога ги гледав сите свои врсници кои живеат со целото семејство, но сфатив дека морам сам".
Во интернатот Едер го гледал, го обожавал стариот Бразилец Роналдо и се замислувал себе во негова улога. Понекогаш во недостаток на опрема и осветлување во интернатот имале проблем со топката, па Едер еднаш шутнал и скршил прозор во приземјето. Туторите веднаш го фатиле за уши и му забраниле да гледа телевизија.
Но тој не попуштал и пак играл со топката.
Кога Едер наполнил 11 години, го забележал тренерот на младинскиот клуб во Коимбра. Раководството на интернатот не било импресионирано со таа идеа, но го пуштиле Едер на проба а потоа го возеле на тренинзи. Брзо дал гол на пријателска средба и сопственикот на локалната месара му дал свежо месо, што за Едер било големо достигнување.
На 18 години Едер го добива првиот професионален договор, но големата заработка сè уште е луксуз за него: Потпишува со португалскиот третолигаш Туризенсе за 400 евра месечно од кои 300 ѝ праќал на мајка му а 100 чувал за трошоци. За само неколку години во третата и четвртата лига Едер постигнал 18 голови и го направил најголемиот трансфер во регионот кога потпишал за големата Академика со која во 2012. година го освои португалскиот Куп.
Следен чекор на високиот центарфор од Гвинеја Басао беше во Брага, редовен учесник на европските натпреварувања.
„Во Брага сè започна фантастично: дадов 13 голови со 3 асистенции на првите 18 меча и ме викнаа во репрезентацијата. Кога тренерот ми се јави спремав вечера, и кога ми кажа од еуфорија заборавив на гладта. Следните два или три часа не јадев од возбуда. Набрзо после тоа ги повредив лигаментите, пропуштив пола година а следната сезона ме уништи и друга повреда. Бев малер и никако не можев да ја најдам својата игра", раскажува херојот на Португалија.
До финалето на ЕП 2016, Едер не дал ниту еден гол за репрезентацијата на официјален меч, дал три на пријателски средби. Дебитантскиот погодок за Португалија го даде на мечот против Италија во јуни минатата година (1:0).
Едер на тој меч играше во нападот со Рикардо Кварезма и Варела, без Роналдо кој доби одмор и не играше на пријателската во Швајцарија (прв пораз на Конте како селектор на Аѕурите). Година дена подоцна, Португалија повторно играше без Роналдо и повторно гол даде Едер - само овојпат тоа беше финале на Европско првенство, а најдобриот Португалец во современиот фудбал беше повреден и на клупата.
„Кристијано ми кажа дека ќе го дадам победничкиот гол. Роналдо ми даде самодоверба, сила и позитивна енергија. Да, можеби не бевме најспектакуларниот тим на првенството но оравме и работевме многу еден за друг. Португалскиот народ заслужва ваква среќа", изјави Едер синоќа во микс-зоната веднаш после мечот.
До финалето Едер на ЕП играше само 15 минути против Исланд, седум минути против Австрија а во сите плејоф средби седеше на клупата за резерви. Тренерот Фернандо Сантош на конференцијата за новинарите по дуелот објаснил зошто се решил за Едер во најважниот натпревар:
„Повредата на Кристијано ги смени нашите планови. Се потпирав на фактот што Нани делуваше напред, а Кварезма од лево. Но во средината на вториот дел сфатив дека е неопходно да го ставам Едер, затоа што само тој може да ја држи и загради топката пред нивната одбрана. Тоа и се случи. Грдото патче се претвори во преубав лебед".
При прославата на голот Едер најде време и за традиционалниот маневар: да дојде до клупата да земе бела ракавица и да ги поздрави трибините. Некои медиуми беа во потрага на оваа мистерија и тврдеа дека го сакал Мајкл Џексон па затоа бела ракавица, но Португалецот сам изјавил дека нема мистерија.
„Тоа го правев и во Брага и во Лил. Просто традиција ми е".
Необично е што пред стартот на Европското Едер не верувал во успех и дури се шегувал на таа тема: „Јас ќе бидам најдобар стрелец. Зошто да не бидам?, се насмеал на прес конференцијата на 11. јуни. Се шегувам, овде има многу јаки играчи, Роналдо, Левандовски, Гризман".