Она што прво боде очи кога ќе се види од каде потекнуваат најскапите трансфери е веќе видена приказна, а тоа се Англичаните каде секоја сезона се вртат најголемите пари.
Премиерлигашите потрошиле 1,35 милијарди евра за засилувања и не случајно седум од топ 10-те најскапи трансфери летово се направиле таму.
На таа најтесна листа нивни се првите три. Број 1 е Џек Грилиш за кој Манчестер Сити на Астон Вила му плати 117,5 милиони евра.
Втор најскап трансфер е кам бекот на Ромелу Лукаку во Челси за кој Интер се офајди дебело со 115 милиони евра, а трет оној на Санчо кој од Борусија Дортмунд во Манчестер Јунајтед замина за 85 милиони евра.
Моќната Премиер лига за засилувања потрошила 90 милиони евра повеќе од Серија А, Бундеслига и Ла Лига заедно или поточно 1,35 милијарди vs 1,25 милијарди.
Втори најголеми трошаџии ова лето се Италијанците кои потрошиле нешто над половина милијарда, трети Германците, па Французите и на крај Шпанците.
Кај овие последните беше највозбудливо токму на 31-ви август, бидејќи Гризман направи неочекувано враќање во Атлетико Мадрид, а Барселона нападот го засили со Лук де Јонг од Севиља.
Бомбата во Реал Мадрид наречена Килијан Мбапе не експлодираше, а тивко беше и во Барселона која останува да видиме како ќе функционира без Меси. За Каталонците се зборува дека се во страшни долгови од 1,3 милијарди.