Готово е: Наполи е шампион на Италија!

Во Неапол се славеле големи победи и титули, сјајни голови на Диего Армандо Марадона, но масовна прослава на шампионско скудето како вечерва не се памети! Во последното коло од Серија А вечерва Наполи со 2-0 го совлада Каљари и го сочува првото место пред Интер кој гостуваше кај Комо и исто победи со 0-2.

Epa images
Epa images
Фото: Epa Images

Драмата во Италија го дочека својот крај. По разни резултатски подеми и падови, Наполи го освои шампионското скудето. Четврто во нивната клупска историја.

Пред повеќе од 60.000 гледачи на стадионот „Диего Армандо Марадона“, Наполи кој играше под голем притисок затоа што Интер му дишеше во врат, успеа да се избори и да слави 2-0 против Каљари.

Напаѓаа фудбалерите на Антонио Конте кој уште еднаш во првата сезона на некој клуб освојува шампионска титула (вечерва не го водеше тимот поради црвен картон), но Каљари се бранеше одлично. Дури во 43-та минута отпорот беше скршен.

Шкотланѓанецот Скот Мектоминеј кој како резервист од Манчестер Јунајтед дојде и стана главен играч во Наполи, постигна прекрасен гол со полу-ножички и Неапол еруптираше! Прослава на стадионот и на сите плоштади ширум градот каде што се гледаше натпреварот.

Најбурно беше на плоштадот „Плебишито“ каде стотици илјади навивачи на Наполи еуфорично со пиротехника го прославија голот:

На полувреме се отиде со водство на Наполи 1-0, а во 51' минута искусниот Ромелу Лукаку постигна прекрасен гол за 2-0:

Во тој момент сите на стадионот и фудбалерите и навивачите на Наполи се ослободија од психолошкиот притисок и заиграа во свој ритам, создадоа уште неколку шанси и ја сочуваа предноста од 2-0.

Победа за шампионска титула. Четврта за Наполи во историјата кој има и шест Купа на Италија.

По број на титули и натаму е неприкосновен Јувентус кој има 36 скудета. Следат: Интер со 20 скудета, Милан има 19, Џенова 9, Торино 7, Болоња 7 и Про Верчели 7. Наполи има 4 а Рома 3 шампионски титули.

Нестварни сцени од Неапол

23 мај 2025 - 22:38