Готово е, Баерн Минхен пресече, решено е

После големата бура која што ја донесоа три очајни резултати по ред: пораз 3:0 од директниот конкурент за титулата Баер Леверкузен кој им одржа фудбалска лекција, пораз од Лацио (1:0) во првиот меч од 1/8 финале на Лига на шампиони и пораз 3:2 од слабиот Бохум, Баерн Минхен донел одлука.

Баварците преку својот сајт соопштија дека по крајот од актуелнава сезона ќе се разделат со тренерот Томас Тухел. Договорот им важеше до 30-ти јуни 2025-та но ќе биде спогодбено раскинат на ничија штета.

„Во добра, отворена дискусија, одлучивме да го прекинеме работниот однос со взаемна согласност на лето. Наша цел е со ново водство и нов тренер да влеземе во новата сезоната 2024/2025. До тогаш, секој во клубот е вонредно повикан да го даде својот можен максимум во Лига на шампиони и Бундеслига. Исто експлицитно сметаме на тимот по ова прашање. По поразот 1:0 од Лацио во Лига на шампиони во првиот меч, убедени сме дека ќе се пласираме во четвртфинале на реваншот на „Алијанц Арена“ со нашите навивачи зад нас“, изјавил извршниот директор на Баерн Минхен Јан-Кристијан Дресен.

„Се согласивме дека ќе ја прекинеме соработката на крајот од сезонава. До тогаш, јас секако ќе продолжам да правам се заедно со мојот стручен штаб да постигнеме максимален успех“, рекол кратко Тухел без да навлегува во дискусија за шпекулациите дека ја изгубил соблекувалната и да го коментира случајот на жестока расправија меѓу неговиот помошник и Јошуа Кимих.

Томас Тухел е еден од најдобрите германски современи тренери. 50-годишниот стратег роден во Крумбах, Западна Германија, во кариерата ги водеше Аугзбург II, Маинц 05, Борусија Дортмунд, Пари Сен Жермен, Челси и Баерн Минхен.

Тој по доаѓањето во Баерн Минхен во март 2023-та наместо отпуштениот Јулиан Нагелсман, после само два месеци ја прослави најдраматичната титула во германскиот фудбал кога Баварците со гол во длабоко судиско продолжение го освоија шампионскиот пехар во последно коло.

Тухел има германски Куп со Борусија Дортмунд (2016/2017) и еднаш загубил во финале на истиот во 2015/2016 исто со Дортмунд.

Како тренер на ПСЖ харизматичниот Томас освои две шампионски титули во Лига 1 (2018/2019, 2019/2020), Куп на Франција (2019/2020) и еднаш загуби во финале на Купот (2018/2019). Со Парижаните загуби и во финале на Лига на шампиони (2019/2020) во Лисабон од Баерн Минхен пред празни трибини поради глобалната пандемија.

Со Челси освои Лига на шампиони во првата сезона како тренер во Лондон (2020/2021), загуби две финалиња на ФА Куп (2020/2021, 2021/2022), Лига Куп (2021/2022), освои УЕФА Супер Куп и ФИФА Светско клупско првенство во 2021-ва.

Познатиот германски новинар Флоријан Плетенберг на својот профил на Х пиша дека голема е веројатноста Баерн Минхен да тргне по Чаби Алонсо кој прави чуда на клупата на нивниот ривал Баер Леверкузен.

21 февруари 2024 - 11:26