На само три недели до стартот на новата сезона во Серија А, нашиот најдобар фудбалер Горан Пандев на фантастичен начин ја темпира формата со која и покрај тренерската смена на „Сан Паоло“ се наметнува како стартер во тимот на Наполи.
Горан Пандев веќе имаше можност да работи со Рафа Бенитез кој беше шест месеци тренер на Интер, а во коментарот на „Goal.com" стои дека и покрај тоа што шпанскиот стратег побарал двајца засилувања во нападот од светска класа, со оваа форма македонскиот репрезентативец си заработил место во тимот.
„Младиот Инсиње се повеќе се наметнува како ѕвезда, а Игуаин простигна во Неапол како замена за Кавани, но со оваа игра Пандев си ја обезбеди иднината на Сан Паоло. Неговите настапи на Емирејт Купот се доказ дека играчот кој беше дел од победничката 2010 година на Интер ќе биде од голема корист за Наполи кој има задача да се бори за шампионската титула со Јувентус", изјави Крис Вокес од „goal.com".
Пандев голгетерската форма ја започна со гол на пријателскиот натпревар против Капри пред 10 дена на кој Наполитанците славеа со 3:0, а потоа го начна и голот на Галатасарај со глава по само 4 минути игра. Конечниот резултат на оваа средба беше 3:1 за италијанскиот тим.
Лидерот на македонската фудбалска репрезентација кој пред само неколку дена наполни 30 години голгетерската недела ја заврши со два гола на Емирејт Купот. Најпрвин против Арсенал кога одлично се снајде во шеснаесетникот, а по само еден ден се покажа и како одличен пеналџија против Порто.