Дваесетти трофеј за Пеп Гвардиола на клупата на Манчестер Сити. Права берба на пехари има најдобриот тренер на денешница, а сезонава е во лов и по нов шампионски пехар во Премиер лигата каде го брка лидерот Арсенал.
Ова беше осми пехар во ФА Купот за Манчестер Сити во клупската историја.
Интересно ова беше четврто финале на ФА Куп на Манчестер Сити по ред и втор пехар во серија после два порази во претходните два дуели (од Манчестер Јунајтед и Крисал Палас).
Шест шампионски титули во Премиер лига, 1 трофеј во Лига на шампиони, Суперкуп на УЕФА, Светско клупско првенство, три ФА Купа, пет Лига Купа и три Суперкупа на Англија.
Сити нема пораз од Челси уште од финалето на Лига на шампиони во 2021-ва година. Од тој момент екипата на Пеп Гвардиола славела на 11 дуели од 14.
Сега до крајот од сезоната небесно-сините ги очекуваат дуели со Борнмут и со Астон Вила. Арсенал од друга страна ќе се обиде да ја освои титулата, ги чекаат дуели со испаднатиот Барнли а потоа и со Кристал Палас кој нема задачи во Премиер лига и со сите мисли е во финалето на Лига Конференции против Рајо Ваљекано каде би можеле да обезбедат нов евро настап следната сезона, ако победат.
„Граѓаните“ го играа 15. јубилејно финале на ФА Купот колку што има и Челси. Сините на две кола пред крајот на сезоната се деветти на табела во Премиер лига.
Пеп Гвардиола освои 20 трофеи на клупата на Манчестер Сити откако седна на клупата на овој клуб во 2016-та година. Ова е втор пехар сезонава на Сити по освоениот Лига Куп со триумф 2-0 над Арсенал.
Од друга страна Челси има катастрофална сезона. Стотиците милиони фунти потрошени на нови играчи и тренери се залудно фрлени. Сините останаа без еврокуп иако се надеваа дека со евентуална победа во финалето ќе се изборат за пласман во Лига Европа.
Челси го загуби четвртото финале на ФА Куп и вкупно седмо изгубено финале откако Антонио Конте последен го крена пехарот во ФА Купот.