Гол машината со која никој не може последниве 7 години во Англија

Серхио Агуеро синоќа стана најдобар стрелец во историјата на Манчестер Сити, но тоа не е единствениот историски факт за издвојување од него. Откако го постигна првиот гол во Премиер лига, никој не може да го стигне.

Агуеро направи трансфер во Манчестер Сити во 2011-та година кога дојде од Атлетико Мадрид за сума од 38 милиони фунти. Дебитираше во англискиот фудбал со два гола против Свонси и со лудото темпо на голови се смести на врвот.
 
Од сезоната 2011/2012 во Премиер лигата стигна до 129 погодоци, а во истиот период Лукаку даде 92, Руни 84, а Кејн 86 гола. Со други зборови, никој како Агуеро во изминативе 7 години во елитното англиско натпреварување.
 
Најдобар стрелец за Манчестер Сити на сите натпреварувања до синоќа беше Ерик Брук, клупскиот херој од 30-те кој го држеше рекордот од 177 гола. Но тој ги постигна на 494 меча за 12 сезони, а Агуеро стигна до 178 на само 264 средби во 7 сезони.

Дресот со кој го постигна историскиот гол против Наполи му е ветен за син му, инаку внук на Марадона од кого синоќа се вееше големо знаме на Сан Паоло.
„Уживам во овој момент и многу сум среќен бидејќи ова се случува само еднаш. Дресот е за син ми, тој ми напиша порака: Кога ќе дојде тој историски ден, донеси ми го дресот“, изјави Агуеро.
Во секоја од неговите шест изминати сезони за Манчестер Сити, Агуеро е на двоцифрен број на голови на сите натпреварувања.

- Агуеро има постигнато гол против 30 од вкупно 31 клуб со кој се сретнал во Премиер лигата, со исклучок на Болтон. Хари Кејн има дадено на 25 од 26, освен на Кардиф, а Ромелу Лукаку на 24 од 30.
 
- Кејн е во моментов најдобар стрелец во Премиер лигата со 8 гола кои ги постигнал во просек на секои 99 минути. Но Агуеро со 7 гола стрела на секои 78 минути, што е најдобар просек на играч со минимум 4 постигнати гола во сезоната 2017/2018.
 
- Хет-трикот на Агуеро против Ватфорд на 16 септември беше негов шести во Премиер лигата. Повеќе од него имаат само четворица фудбалери: Алан Ширер (11), Роби Фаулер (9), Мајкл Овен и Тиери Анри (8).

- Агуеро е 12-ти најдобар срелец во Премиер лигата. 11-ти е Робин ван Перси со 144 гола, а 10-ти Теди Шерингам со 146.
 
- Стана најдобар стрелец за Сити во Премиер лига кога во октомври 2014-та постигна 4 гола против Тотенхем за победа од 4:1. Со тоа стигна до 61 погодок и го мина Карлос Тевез.
 
- Аргентинецот е најдобар стрелец во Премиер лигата во конкуренција на играчи кои не се од Европа.

- Го држи рекордот на најмногу постигнати голови на еден меч во Премиер лигата. Тоа се 5 за време од 23 минути и 34 секунди.
 
- Единствениот играч кој постигнал за покусо време 100 гола во Премиер лигата е Алан Ширер.
2 ноември 2017 - 11:49