Го победи Реал Мадрид со Шериф на Сантиаго Бернабеу во септември, сега е на фронт во Украина

Шериф Тираспол беше најголемо изненадување во еврокуповите. Откако ги елиминираа Црвена звезда и Динамо Загреб и за првпат во клупската историја се пласираа во Лига на шампиони, таму направија сензација откако славеа над Реал на Анчелоти среде Мадрид.

Само пет месеци откако со 1-2 го урна Реал Мадрид на Карло Анчелоти, тренерот на Шериф Тираспол, клуб кој се натпреварува во молдавското првенство но доаѓа од територија која не се смета себеси за дел од Молдавија, останува без својот предводник.

Тренерот Јури Верндјуб решил да го напушти Шериф Тираспол и да се пријави во украинската армија која е во воен конфликт со Руската Федерација.

Верндјуб, кој е роден во Житомир, град во близина на Киев, одлучил да се врати во татковината и да пристапи на единиците за територијална одбрана.

Тој се фотографирал во воена униформа со двајца други војници. Верндјуб е уште еден лик од светот на спортот кој оди на фронтот, по поранешниот светски боксерски првак Виталиј Кличко (актуелен градоначалник на Киев) и боксерскиот шампион Васил Ломаченко кои отидоа на фронтот.

Верндјуб (56) се прослави откако Шериф Тираспол во Мадрид на Сантијаго Бернабеу прво поведе со гол на Јашурбек Јакшибоев, Бензема израмни од пенал во 89' минута за да Себастијан Тил од Луксембург со гол во судиско продолжение да ја донесе најголемата сензација сезонава во Лига на шампиони.

„Имам жена, две деца, два внуци, браќа и сестри, им посакувам на сите здравје и војнава да не ги допре. Кога пристигнав во Молдавија, секогаш му кажував на семејството ако им треба моја помош секогаш ќе бидам тука. Сакам да кажам пар зборови за поддршка на украинскиот народ кој трпи напад од Русија. Горд сум на народот кој ја брани земјата“, рекол доскорешниот тренер на Шериф Тираспол кој од фудбалски терени оди на фронт.

28 февруари 2022 - 15:13