Клуб без држава, со играчи од 14 различни земји првпат победи во Лига на шампиони

Македонскиот репрезентативец Бобан Николов влезе од клупата во 85’ минута и беше дел од историскиот триумф во Лига на шампиони за клубот кој постои во многу необични околности. Сопственикот газдува буквално со сè таму.

Откако ги победи Црвена звезда и Динамо Загреб во квалификациите и за првпат во историјата влезе во елитната Лига на шампиони, Шериф Тираспол и таму ја оствари првата историска победа. Се работи за необичен клуб.

Шериф Тираспол стигна до богатото друштво преку четири скалила: албанска Теута, ерменски Алашкерт и двата балкански гиганти Звезда и Динамо Загреб. Ова е најголем успех во историјата на молдавскиот фудбал. Додуше не баш долга историја.

Интересно на списокот на Шериф за Лига на шампиони има само 5 фудбалери со молдавски документи, а сите други се легионери од странство. Имаат играчи од дури 14 различни земји!

ЧУДНИ ОКОЛНОСТИ, КЛУБ БЕЗ ДРЖАВА

Шериф Тираспол е 19-кратен шампион на Молдавија. Натпреварите ги игра во Тираспол, главниот град на таканаречената Придњестровска Молдавска република (ПМР) која веќе 30 години не се смета себеси за дел од Молдавија.

Дури половина од населението во оваа област има руски пасоши, на нивна територија дејствуваат закони од Руска Федерација а руското знаме е официјално признаено за второ државно обележје.

Сопственикот на Шериф е богат газда на истоимена корпорација, холдинг кој принесува дури 50% од буџетот на територијата. Овој гигант ја финансира и десничарската партија Обнова.

КАКО СЕ ПОЈАВИЛО ПРИДНЕСТРОВЈЕ И ШТО ТОЧНО САКААТ?

За да го запознаеме овој необичен клуб одблизу, треба да направиме една историска екскурзија.

Молдавија како република се појавила во 1940-та под називот Молдавска ССР во составот на Советски Сојуз. Републиката се појавила со спојување на Бесарабија (главниот град Кишинев), анексирана од Романија со пактот „Молотов-Рибентроп“ и Молдавска Автономна ССР со седиште во Тираспол (денес територија на Придњестровска Молдавска Република).

По разни перипетии во јуни 1990-та Молдавија објави суверенитет. Излезот од составот на СССР го правдале со фактот дека републиката е припоена врз основа на пактот Молотов-Рибентроп, а новите власти го замениле државносто знаме и не криеле дека следен чекор е враќање во состав на Романија. 

Во исто време, во градот Тираспол каде молдавско население не било повеќе од 20%, немале стремеж да се вратат во состав на Романија. После три месеци пратениците на конгрес усвоиле декларација за формирање Придњестровска Молдавска Република во состав на СССР.

Тоа фактички значело отцепување од независна Молдавија. Во еден момент кога сите републики од Советскиот Сојуз прогласиле своја независност, оваа Придњестровска Молдавска Република останала последна која се признавала како дел од СССР.

Симболите од советскиот сојуз односно знамето и грбот на Молдавска ССР ден-денес се користат на оваа територија. 

Но декларациите не важеле многу и конфликтот разгорел војна. Дел од молдавската армија и полиција се обидел да ја врати територијата на Придњестровска Молдавска Република во состав на независна Молдавија. Во тоа им се спротивставиле полициски одреди од градовите на левиот брег.

Вооружените судири траеле сè до летото 1992 но клучен фактор во прекин на војната бил дел од руската 14-та армија која имала база на територија на Придњестровје. Тие биле на прва линија на фронтот и во прв момент објавиле неутралитет.

Но сè се сменило откако неколку руски војници загинале по напад со минофрлачи од молдавската војска и обид за јуриш врз руската воена единица. 

Руската 14-та армија одговорила со 45-минутна артилериска контра-офанзива и набрзо граѓанската војна во Молдавија завршила. Претседателите на Молдавија и Придњестровје во Москва потпишале договор за мирен крај на конфликтот а Русија предложила свои миротворци. Тој статус го добила 14-та армија.

Од тогаш (веќе 29 години) на територијата на Молдавија постои де-факто непризната Придњестровска Молдавска република со своја власт, закони и единствен економски модел на развој.

За разлика од другите републики од поранешниот Советски сојуз каде територијалните судири доведоа до целосно отфрлање на каква било интеракција со сепаратистичките региони (Нагорно Карабах, Абхазија, Јужна Осетија, Донбас), Молдавија во многу области соработува со Придњесторвје.

(на фотографијата обележана со црвено е територијата на тн. Придњестрвоска Молдавска Република)

КАКО Е ВО ФУДБАЛОТ И КАДЕ ИГРА ШЕРИФ?

Во фудбалот е уште позамрсена ситуацијата. Шериф од територијата на Придњестровје игра во фудбалската лига на Молдавија, а играчите од овој тим играат за оваа земја.

Дури и репрезентацијата на Молдавија одиграла неколку натпревари на стадионот на Шериф во Тираспол. Компанијата сопственик на овој клуб е регистрирана во Молдавија зошто тоа е неопходен услов за да се води бизнис со земји од Европска Унија.

Жителите на Придњестровје имаат и руски пасош (потребни им се за работа во Русија, како и за руски пензии и други социјални примања). 

Секој политички активист кој сака да дојде на власт во Молдавија, ветува дека ќе го реши Придњестровското прашање, иако за 29 години ништо не е сменето.

Еден од гарантирите на стабилност се руските војници кои ден-денес се останати во Придњестровје и имаат задача „да чуваат“ 20.000 тони стара советска муниција која стигнала тука при доаѓање на советските војници од земјите на Источна Европа на крајот од ’80-те години и почетокот на ’90-те.

Според многу експерти кои се бават со феноменот на Придњестровје, главна причина за постоењето на оваа непризната република е тоа што таквиот нејзин статус им овозможува на многу влијателни луѓе да заработуваат во Русија, Украина и Молдавија и затоа ништо не се менува.

А сржта на овој феномен е газдата на холдингот Шериф, бизнисменот од Придњестровје, Виктор Гушан кој практично е некрунисан владетел на оваа непризната земја. 

КОГО И ШТО ПРЕТСТАВУВА ФУДБАЛСКИОТ КЛУБ ШЕРИФ?

Да се вратиме на фудбалот. Најголемото изненадување во летните квалификации за Лига на шампиони и клубот кој во средата вечер ја оствари првата историска победа во ова натпреварување не е главен приход на заработки на холдингот на Виктор Гушан.

Според германскиот специјализиран сајт за трансфери, Transfermarkt, за 24 години постоење Шериф од продажба на играчи зараотил 14,6 милиони евра или повеќе од 600.000 евра годишно.

Само пет пати продале фудбалер за над 1 милион евра. Рекорден трансфер е продажбата на Разван Кочиш во Локомотив Москва во 2006 - 2,6 милиони евра.

Клубот откако е основан најчесто потпишувал слободни агенти или носел играчи на позајмица.

Во последно време активно работат на африканскиот и латино-американскиот пазар. За малку познати, анонимни играчи од Африка и Јужна Америка, Шериф е идеална шанса да блеснат во Европа и да направат поголем трансфер.

Шериф Тираспол освоил дури 19 титули во последните 21 сезона. Секоја година игра во еврокуповите. Досега четири пати влегле во групна фаза на Лига Европа, а сега првпат во ЛШ.

КОИ СЕ КОНКУРЕНТИТЕ НА ШЕРИФ ВО МОЛДАВИЈА?

Пред да се појави Шериф Тираспол, во овој град главен клуб бил Тилигул кој играл и во втората лига на СССР. Овој клуб во 1991 завршил на второ место и обезбедил пласман во првата советска лига но Сојузот се распаднал и Тилигул следната година ја почнал во лигата на Молдавија.

Во ’90-те години Тилигул шест пати завршувал на второ место, зошто шампионската титула била резервирана за Зимбру од Кишинев. Веќе кон крајот на ’90-те години Тилигул од Тираспол не можел да се бори со големиот Зимбру и секоја сезона бодовната разлика била голема.

Шериф стигна дури до Лига на шампиони. Тренер им е Украинецот Јуриј Верњдуб а во првото коло се сретнаа против клуб кој има речиси иста судбина и минато како нив - Шахтјор Доњецк, гигантот од Украина кој пред неколку години се најде во центарот на воениот конфликт во регионот Донбас.

Во тимот на Шериф Тираспол во историското деби во Лига на шампиони учествуваа играчи од Гана, Колумбија, Тринидад и Тобаго, Грција, Бразил, Перу, Узбекистан, Холандија, Мали, Босна и Херцеговнија, Гвинеја, Молдавија и нашиот Бобан Николов од Македонија.

ЗЕМЈА СО ШЕРИФ НАРЕЧЕНА „РЕПУБЛИКА ШЕРИФ“

Виктор Гушан

Холдингот „Шериф“ во 1993-та година го основале двајца тирасполски полицајци - службеникот за криминалистичка истрага во Тираспол, Виктор Гушан и началникот на полицијата Иља Казмал. Оттука и називот на компанијата „Шериф“ како и логото стилизирано со шерифска ѕвездичка како во американските филмови.

Првиот бизнис на овој холдинг „Шериф“ бил поврзан со купување обоен метал за понатамошен скап извоз во Германија и Турција. Истовремено го искористиле моментот на нерешен статус на територијата за да профитираат од продажба на гориво, снабдување со водка и цигари и ги земале под свое сите конкуренти.

Од 1994 до 1999 скоро сите сопственици на големи компании во Придњестровје биле ликвидирани. Убиени биле повеќе од 10 луѓе во разни криминални пресметки, а преживеале само сопствениците на Шериф, Гушан и Казмал кои ја искористиле ситуацијата и ја прошириле дејноста на холдингот. Во прв ред продажба на цигари и алкохол.

Во 1996-та година компанијата покренала и мрежа маркети Шериф. Денес таа мрежа се состои од 27 супермаркети и е монополист во Придњестровје. Единствен конкурент на пазарот им е украинскиот гигант Фуршет кој во Придњестровје имал еден супермаркет.

Во следните години компанијата Шериф влегла и во областа на телекомуникации, банкарство, градежништво, казина, комплекси за одгледување риба, најголем салон за продажба на автомобили во земјата итн.

Премиерот на ПМР, Александар Мартинов

Во 2002-а властите во Придњестровје објавиле за приватизација на 200 државни претпријатија кои биле продавани по симболична цена. Најголем купувач станал холдингот „Шериф“ кој станал монополен оператор и единствен интернет провајдер во Придњестровје. Компанијата станала сопственик и на текстилниот комбинат „Тиротекс“ (еден од најголемите на времето во СССР). Откупиле и неколку пекари.

Во 2018-та година премиерот на тн. Придњестровје, Александар Мартинов изјавил и дека ќе почнат со „копање“ криптовалути што би помогнало во полнење на републичкиот буџет. Но монополот на пазарот на малата република со помалку од пола милион жители е само мал дел од бизнисот на „Шериф“.

Бројни изданија, од рускиот Комерсант до најголемиот американски медиум за надворешна политика, часописот Foreing Policy за главен извор на приходи на Шериф го пишале криумчарењето роба во земјите од ЕУ.

Шемата е, велат, едноставна: „Шериф“ увезува роба во Придњестровје од Русија, Кина и Украина и други земји без плаќање царина, а после ги проследува преку Молдавија во земјите од ЕУ каде пазарната вредност на оваа роба е многу поголема. Новоизбраната претседателка на Молдавија, Маја Санду во септември 2021 изјавила дека обемот на шверцувани цигари од Придњестровје преку Молдавија понатаму за ЕУ достигнува до 250 милиони штеки цигари годишно.

16 септември 2021 - 10:33