На првиот ден од новата година, Арсенал му гостуваше на Саутемптон и загуби 2:0. Поразот на топџиите и не беше толку страшен, колку што беше реакцијата на Арсен Венгер откако дознал дека голманот Шчесни пушел цигари во туш кабините по натпреварот.
Од тогаш, па наваму, Арсенал одигра седум натпревари, а на шест од нив голот го чуваше Давид Оспина. Причината за таквата одлука Венгер ја правдаше со подобрата форма на Колумбиецот, но Французинот не негираше дека „случајот Шчесни“ го приморал на такво нешто.
До доаѓањето на Оспина минатото лето во Арсенал како слободен играч, Шчесни лесно се справуваше со конкуренцијата на Фабијански. По случајот во Саутемптон, Оспина застана на голот и беше еден од најзаслужните за победничкиот поход на Арсенал.
На шест средби, Оспина прими само три голови, а Шчесни бранеше во купот против Брајтон кога Арсенал победи, но прими два гола (2:3).
„Нормално, сакате секој да се однесува совршено, но тоа не е можно. Го сакам Војчех како личност и секогаш кога ќе направи грешка, тој застанува и признава дека згрешил. Се надевам дека ќе научи од грешката. Дома може да правите што сакате, а овде ве оценуваат според вашите изданија. И самиот некогаш пушев, кога служев војска, нè плаќаа со цигари. Но престанав кога почнав да навлегувам во тренерската професија", изјави Венгер во меѓувреме.
За разлика од конкурентите во горниот дел од табелата, Арсенал не може да се пофали дека има голман од светска класа. Јунајтед го има Де Хеа, Челси ги има Куртоа и Чех, а за Тотенхем брани Иго Лорис, голман кој беше слободен пред да го засили Тотенхем и Венгер можеше да го потпише.
Инаку, Шчесни не е првиот фудбалер на Арсенал што е казнет за пушење цигари. Претходно медиумите објавија фотографии на кои со цигара беа Бендтнер и Џек Вилшер. Венгер неделава најави дека е можно Шчесни да го почне дуелот против Мидлсброу во ФА купот во недела.
Тоа и не би чудело, ако се има во предвид дека речиси сите тренери се одлучуваат за резервните голмани во ФА или Лига купот на Англија, а Шчесни во моментов е резерва. До кога ќе биде, можеби ќе покаже неговиот настап против Мидлсбро во недела.