Норвешка за сега е единствената земја која што крена глас против организација на Светско првенство во Катар, поради илјадниците загинати работници таму кои работеле во нехумани услови на изградба на нови арени за потребите на Мундијалот 2022.
Норвежаните пред квалификацискиот меч против Гибралтар (3:0) излегоа со бели маици над дресовите на кои пишуваше: „Човекови права, на терен и надвор од него“.
Британските медиуми, во прв ред Гардијан, Сан и Дејли Мејл меѓу првите пишуваа дека уште од 2010-та година кога Катар на многу сомнителен начин ја доби организацијата за домаќинство на Светско првенство, дека умреле најмалку 6.751 работници-мигранти од Индија, Пакистан, Непал, Бангладеш и Шри Ланка.
Според изворите на организациите кои се бават со заштита на човекови права, во просек умираат по 12 работници неделно во Катар.
Гардијан пишува дека бројот на вкупно загинати е многу поголем затоа што податоците не ги вклучуваат информациите за смрт на мигранти од други земји (во Катар работат и Филипнци и Кенијци).
Прв по ова прашање се огласи норвешкиот клуб Тромзо кој ја повика норвешката фудбалска федерација да го бојкотира Светското.
„Не може да седиме на страна и да гледаме како луѓе умираат во име на фудбалот. Фудбалот не може да контролира политика и внатрешни работи на други земји. Но ние можеме да бараме промена на домаќинство на турнирите. Сметаме дека Норвешка треба да откаже учество на Светско во Катар ако се квалификува за тоа“.
Светското првенство 2022 во Катар е планирано да почне на 21 ноември следната година. Додека ФИФА очекува заработка од околу 3 милијарди евра, работниците кои се најзаслужни за стадионите патат.
Катар откако доби домаќинство во 2010, буквално ги впрегнал работниците брзо да градат аеродроми, патишта, јавен транспорт (метро), хотели па дури и еден цел нов град. Ова државата Катар ја чини околу 138 милијарди евра.
Катар официјално соопштил дека 37 работници загинале во изградбата на стадионите, но, Гардијан пишува дека се кријат многу поголеми бројки на починати.
Околу 95% од работниците се мигранти кои земаат околу 200 фунти месечно (500-600 денари дневница) а понекогаш не се платени со месеци и живеат во мизерни услови на огромни горештини. ФИФА на Светското планира да инкасира околу 3,4 милијарди фунти и тоа од тв права, маркетинг, лиценци, влезници и други активности.