ФИФА постојано еволуира. Пред некоја недела стигна веста за право на четврта измена во продолженија од европските натпреварувања (потврдена и од извршниот комитет на УЕФА), како и најавата за употреба на ВАР и гол-линија системот. Докази дека фудбалот постојано се менува.
Од октомври годинава би можела да стигне уште една револуционерна промена во однос на динимакита и ефектите на трансфер пазарот.
Во последните неколку месеци во Цирих се среќавале разни личности од светот на фудбалот меѓу кои и потпретседателот на ФИФА, Виктор Монтаљани, претставници на ФИФПро (Меѓународна федерација на професионални фудбалери), ЕКА, Светскиот лига Форум како и стари легенди како Кафу, Ван Бастен и Звонимир Бобан.
Се разговарало за 11 точки кои треба да бидат донесени на следниот конгрес на ФИФА во октомври. Една од овие точки е и забраната за позајмици на играчи.
Во последните години принципот за позајмени играчи кои треба да добијат повеќе минутажа и да стекнат искуство во други клубови, сè повеќе стана средство за контролирање на дозволениот квантитет на играчи во еден клуб, и како последица на тоа продажба на истите фудбалери со заобиколување на дозволениот лимит за финансиски фер плеј.
На пример во Премиер лигата Челси има 22 играчи на позајмица во други клубови (до пред некоја сезона имаа преку 40-ина млади играчи позајмени во други клубови). Манчестер Сити сезонава има 18 позајмени фудбалери.
Во Италија, Јувентус има дури 41 млад играч на позајмица, Интер има 35, Рома 25. Торино не заостанува со дури 29 играчи на „привремено калење“. Џенова и Удинезе имаат по 27 а Милан е најдолу со 7 позајмени играчи колку што има и Беневенто.