ФИФА ќе укинува пријателски

Светската фудбалска федерација соопшти дека планира да ги укине пријателските натпревари кои репрезентациите ги одигруваат во февруари и август. Да се сетеа на ова порано, можеби немаше да го доживееме срамот во Луксембург.

Бордот на ФИФА на состанокот во Цирих ги прифати аргументите на Европската клупска асоцијација (ECA).

Според предлогот за календарот за периодот од 2015-та до 2018-та година, националните тимови ќе одиграат по два натпревари во март, септември, октомври и ноеври како и во јуни секоја втора година, а во февруари и август повеќе нема да има простор за одигрување на пријателски натпревари.

Натпреварите како оној помеѓу Луксембург и Македонија, веќе со години се непопуларни кај клубовите. Челниците на европските клубови сметаат дека овие натпревари претставуваат непотребен ризик за играчите кои можат да се повредат, а клубовите трпат штета затоа што ги губат најдобрите фудбалери во важен период од сезоната.

6 март 2012 - 09:00