Адреналинот на Италијанците траеше и ден по освојувањето на европската титула, а тоа го предизвикаа прваците кои продефилираа низ центарот на Рим каде имаше река народ.
Предводена од командантите Бонучи и Кјелини, Италија со песна и навивање ја палеше страствената нација за фудбал на која и го донесе пехарот од Вембли.
По завршувањето на парадата, што е стандарден шампионски ритуал кој и ние сме го почувствувале во центарот на Скопје, Манчини и неговите избраници беа на прием кај претседателот на Италија Матарела, каде беше поканет и Беретини кој загуби во финалето на Вимлбдон од Ѓоковиќ.
За Италија ова е огромен успех и втора европска титула во историјата, а првата им датира од 1968-ма. Исто така и голем кам бек, и фудбалски после дебаклот со Вентура, но и психолошки после големата корона криза проследена со многу жртви.
Еден од најзаслужните за овој успех е човекот кој целосно ја сплоти и обедини оваа селекција која со модерен и напаѓачки фудбал елиминираше репрезентации како Белгија, Шпанија и Англија.