На најновото рангирање на ФИФА многу аутсајдерски фудбалски репрезентации може да се пофалат со драстично подобрување, освен ние. Фарските острови втор пат направија сензација против Грција во квалификациите за ЕП 2016 и тоа им донесе скок од 28 позиции со што не шишнаа и се качија на 74-место.
Македонската фудбалска репрезентација 105-та позиција ја дели со Гватемала, а пред нас се искачија и Либија и Бенин кои со скокови од 21 и 23 места ја делат 96. позиција.
Одлично јулско рангирање извадија и Исланд кој со скок од 14 места е 23-та фудбалска земја во светот, потоа Унгарија со скок 11 места е 31-ва, а Албанија со 15 места погоре е на 36-та позиција.
По двете финалиња на Мундијалот и Копа Америка, селекцијата на Аргентина скокна две места и со тоа го симна од тронот Светскиот првак Германија кој сега е втор. Во топ 10 листата изненадување е Велс кој на 10. позиција стигна со скок од 12 места.
Зад нив е Чиле кој како победник на Копа Америка се искачи 8 места погоре, а голем напредок поради настапите на Копа Америка имаа и Венецуела која скокна 27 места и е 45-та, Боливија скока 23 места и е 66-та, а Перу е подобар за 15 места и се наоѓа на 46-та.
Од нашата квалификациска група Шпанија падна на 11. место, Словачка скокна две места и е 15-та, а Украина се подобри за 8 позиции и сега е 27-ма. Големи падови имаат Белорусија и Луксембург кои со 20 и 15 места подолу, се најдоа на 100-то и 146-то место.