Бундеслигата е убедливо на првата позиција според испонетоста на стадионите (Борусија Дортмунд и Баерн Минхен полнат 99,8% од капацитетот, Шалке 99%...), а според официјалните бројки и Премиер лигата не заостанува многу.
Минатата сезона дури 14 од 20 стадиони во англија биле исполнети над 95%, но проблемот е што овие бројки не се целосно точни.
Вебсајтот на навивачите на Манчестер Јунајтед Redsaway.com неодамна објави дека бројките за посетеноста на Олд Трафорд се „штелуваат" и тоа за 15 до 20 илјади. Овие информации тие ги добиле од полицијата според законот за слободно информирање.
Според правилата на Фудбалската асоцијација, клубовите од Премиер лигата мора да објават официјални податоци за бројот на гледачи. Овие податоци се однесуваат на бројот на продадени влезници без разлика дали гледачите биле на стадион или не. Но полицијата води своја евиденција за бројот на луѓе кои влегле на стадион. Па така минатата сезона на натпреварот против Саутемптон имале помалку од 60.000 гледачи, а официјалната бројка е преку 75.000. На натпреварот од ФА купот против Вест Хем имало дури 25.000 гледачи помалку од официјално пријавената бројка.
Манчестер Јунајтед не е единствен. Навивачите на Арсенал ставаа црни ќеси на празните столчиња за јасно да покажат дека стадионот не е полн како што се тврди. Челниците на Арсенал дури решија и да не објавуваат јавно преку разглас информација за бројот на гледачите за да не ги исвиркуваат кога спикерот ќе каже голема бројка, а на стадионот се гледаат цели сектори со празни столчиња.
Дел од овие „фантомски" гледачи се сопственици на сезонски влезници кои немаат време или не се во можност да одат на сите натпревари. Фудбалот стана разонода за богатите на кои не им е гајле дали ќе пропуштат некој натпревар против послаба екипа, а за разлика од минатото, тие немаат фудбалска култура и не ја предаваат влезницата на некој друг.
Фудбалот значително се промени во последните децении кога започна и неговата комерцијализација. „Брендот" стана клучен за клубовите од Премиер лигата и тие мора да го одржуваат, па макар и со лажни информации за распродадени стадиони за да не испаднат помалку атрактивни пред инвеститорите и спонзорите. А резултатите се очигледни. Новиот договор за ТВ правата е поголем за дури 41%.