Европската класика за Германија

Со триумфот од 2:1 против големиот ривал, Холандија, репрезентацијата на Германија стигна до втората победа на Европското првенство во Полска и Украина и успеа да се пласира во втората фаза од натпреварувањето. Холанѓаните уште еднаш потфрлија, но сепак и по овој неуспех се уште имаат надеж за продолжување на настапот, но потребни им се три бода во мечот со Португалија.

Како и на првиот дуел со Португалците, херојот во германскиот состав беше Марио Гомез, кој на два пати се запиша во листата на стрелците и тој е единствениот фудбалер од составот на Јоаким Лев, кој успеал да ја затресе мрежата на противникот.

"Мислам дека конечно успеав да ги демантирам сите оние кои ме критикуваа во изминатиов период. Сето она што се случуваше во последниве денови ми беше дополнителен мотив да играм најдобро што можам на овој меч. Пресреќен сум што сум стрелец на головите кои ни донесоа голема победа. Му благодарам на селекторот, кој го издржа притисокот и имаше доверба во мене. Сакам да им се заблагодарам и на моите колеги за огромната поддршка. Ја победивме Холандија, која се уште нема ниту еден бод. Тоа е одличен тим, никој не смее да ги отпишува предвреме, тие се уште имаат шанса за пласман во следната фаза", изјави двојниот стрелец за Германија, Гомез.


Холанѓаните разочараа и во вториот настап иако се очекуваше дека токму против големиот ривал ќе докажат дека тимот може бргу да закрепне по неочекуваниот пораз од Данска.

"Одигравме добро второ полувреме, но тоа не е доволно за да се победи Германија. Нема потреба од паника се уште сме во позиција да се бориме за второто место. Потребно е да ја совладаме Португалија со 2:0, но ни треба помош и од Германија, која мора да слави против Данска. Сега сме во позиција кога не зависи се од нашиот резултат", истакна холандскиот репрезентативец, Рафаел ван дер Варт.

Последното коло во Б групата на програмата е в недела, а мечевите стартуваат во исто време во 20 часот и 45 минути. Холандија за противник ја има Португалија додека Германија се среќава со Данска.

14 јуни 2012 - 00:37