Еден италијански судија заработува колку 75 наши

Иако на секој меч ќе слушаш како ти скандираат „судија педер“, оваа професија вреди да се работи, особено во италијанскиот фудбалски шампионат каде за неколку сезони може да се стане милионер. 

Фудбалските делители на правдата во Италија може слободно да се опуштат во луксузен живот со само 90 минути работа во неделата. За само еден натпревар во Серија А тие земаат 9.000 евра, а ако судат четири пати месечно тие ќе заработат фантастични 36.000 евра.

Според написите на Кориере дело спорт, Италијанската фудбалска федерација годишно само за главните судии троши по 5 милиони евра. Еден судија заедно со дополнителните трошоци од 1.000 евра чини 10.000 евра за еден меч, што значи дека за едно коло се трошат 100.000 евра, а за една сезона 3,8 милиони евра. Заедно со натпреварите во куповите се стигнува до целата пресметана сума од 5 милиони.

Фудбалски судија од Италија од среден или висок ранг кој суди и на меѓународни натпревари годишно кешира околу 200.000 евра. Најпознатиот и најеминентниот италијански арбитар во моментов е Никола Рицоли кој беше критикуван за судењето на неодамнешното градско дерби помеѓу Торино и Јувентус.

Според пресметките на италијанскиот весник тој на досегашните судени натпревари во Серија А, како и неколкуте натпревари од Лигата на шампионите и Лигата на Европа во досегашниот дел од сезоната има заработено 78.000 евра.

Овие суми не се баш за споредување со оние во мак фудбалот. Во првата македонска фудбалска лига главниот судија заработува околу 120 евра по меч или попрецизно 7.600 денари. Тоа значи дека треба да свири на 75 натпревари за да го достигне хонорарот кој еден италијански судија го зема за еден меч.

6 март 2014 - 20:34