Еден гол, три бода, илјада полемики

Изминатиов викенд беше празник на мега пресметки: ел класико, вечно римско дерби и дербито на Италија во кое Јувентус го урна домаќинот и фаворит Интер и сериозно се вмешува во трката за еврокупови по одземените бодови. Но Интеристи тврдат дека голот бил спорен и нерегуларен. Зошто?

Јувентус покажа дека е најсилен кога е најпотребно. Откако на „Старата дама“ и одземаа 15 бода, бјанконерите се обединија и врзаа многу важни триумфи во Лига Европа и во Серија А.

Во неделното вечерно мега дерби со Интер на „Џузепе Меаца“, Јуве славеше 0:1 со голот на Филип Костиќ во 23’ минута. Но во претходница на истата акција, имаше спорен момент откако Адриен Рабио и Душан Влаховиќ наводно играле со рака, а главниот судија Кифи не досуди ништо.

Јувентус до крајот од мечот ја сочува предноста, го одбрани својот гол и однесе три бода од тешкото гостување. По крајот на мечот во голем метеж на теренот меѓу играчите, Паредес и Д’Амброзио добија црвени картони поради физичка пресметка.

Бурни реакции на судењето после дербито имаше и Симоне Инзаги.

„Се случи нешто многу сериозно. Да се прими ваков гол во време на ВАР е неприфатливо. Уште потешко е да се сфати објаснувањето дека нема снимка. Лути сме и бараме одговори. Ова е скандал!“, изјави Инзаги.

А Алегри од другата страна рече:

„Судиските одлуки мора да се прифатат на овој или на оној начин. Не правевме драма кога бевме оштетени во Салернитана, а веќе имавме и поништен гол против Интер кога не беше јасно кажано дали беше игра со рака. Јувентус е џентлмен во оваа ситуација, не прави проблеми. Зборете за фудбал, не за судии“.

Кај Јувентус имаше и невообичаен момент со измената на Федерико Кјеза кој влезе во игра во 67’ минута наместо младиот Аргентинец Суле, но веќе во 83-та минута мораше да излезе надвор поради повреда. Италијанскиот репрезентативец одигра само 17 минути.

После мечот Алегри за состојбата на Кјеза рекол:

„Има тендинит кој го мачи во последно време. Малку е исплашен, но ништо сериозно во моментов“.

Интересно, голот на Филип Костиќ беше 100. јубилеен погодок за Јувентус на гостувањата кај Интер во Серија А. Ова е втор најдобар резултат после Милан кој постигнал 117 погодоци кога Интер бил домаќин.

Сега во Серија А табелата е интересна како никогаш во последните десетина години.

Наполи (71 бод) е убедливо прв со 19 бода предност пред второпласираниот Лацио кој има 52. Интер (50) е трет, Милан (48) е четврти, Рома (47) е петта, Аталанта е на шесто место со 45 бода а Јувентус има 41 освоен бод и е седми.

20 март 2023 - 09:18