Селекцијата на Луксембург која се смета за аутсајдер во нашата квалификациска група за Европското првенство во 2016 година и која е 127-ма на ранг листата на ФИГА, за малку ќе ни земеше бод на „Филип Втори“.
Избраниците на Бошко Ѓуровски влегоа безидејно на овој дуел, бавно правеа акции и на грешки на противникот се приближуваа до голот. Така и го отворија мечот откако Александар Трајковски собра еден отпад, сам истрча во контра и го отвори резултатот во 9 минута.
Наместо да одиме на втор гол против селекцијата која не делуваше опасно, во периодот од 39-та до 44 минута следуваше шок за публиката. Бенси израмни од слободен удар, а слабата одбрана ни ја проби Турпел кој обезбеди 1:2 на полувреме.
Македонскиот селектор на паузата се реши за двојна измена и на местото на Ибраими и Цуцули влегоа Абдурахими и Алиовски. Измените не променија многу на теренот, но тоа се случи со Адис Јаховиќ кој влезе како замена за Муарем и по 6 минути на терен израмни од пенал на 2:2.
Македонија создаде неколку шанси преку Абдурахими, Шиков и Ристовски кои не успеаа да бијат прецизно, а публиката потскокна во 82 минута кода Јаховиќ по една гужва во шеснаесетникот биеше високо над голот.
Кога само неколку мигови беа во прашање италијанскиот арбитар Мацолени да свирне крај, фудбалерот на Локерен, Бесарт Абдурахими со голчиште од дваесетина метри и донесе голема радост на Македонија за прва и многу тешко остварена победа во овие квалификации.