Две мудри ќелави глави

Пеп Гвардиола пред неколку недели изјави дека Наполи е страшно јак, дека го имаат моментумот и дека се фаворит за освојување Лига шампиони. На тоа тренерот на Наполи Лучано Спалети некако намќоресто му одговори.

Спалети важи за оние тренери од стар ков. Не баш прилагодлив на шега, секогаш строг, остар и дисциплиниран. Не отстапува многу од својот став.

Некогаш човек да не знае како да го сфати.

„Ги знам јас тие муабети, психолошки игри, сака да нè намести па да нè добие“, изјави Спалети за коментарот на Гвардиола дека Наполи е во јак моментум и дека е фаворит за ЛШ.

И сега Пеп откако го совлада 3:0 Баерн Минхен во првиот меч од 1/4 финале на ЛШ, на прес-конференција го прашуваат за Наполи.

„Не, не сакам да зборувам за тоа зошто нивниот тренер ќе ми се сипе пак, многу биле сензитивни во Италија“, вели Гвардиола на коментарите на Спалети.

А пред вечерашниот дуел од 1/4 финале со Милан на „Сан Сиро“, запрашан за тоа што го прокоментирал Гвардиола, тренерот на Наполи станува и вели:

„Сфаќам дека она што го кажав не било добро сфатено од него. А кога се зборува за Гвардиола станувам на нозе (станува), зошто јас од Гвардиола научив премногу работи. Тој може да се спореди со најголемите личности кои во други области направиле фундаментални работи од кои сите имаме земено по нешто. Тренери како Гвардиола, Клоп, Де Ѕерби се тренери кои ги гледам постојано.

Може со денови да зборувам за неговите екипи откако е заминат од Барселона.

Ако погрешно ме разбрал, навистина жалам, зошто ни причинува огромно задоволство кога тренер како Гвардиола зборува добри работи за нас. Се надевам дека еден ден со турско кафе ќе се смееме за ова“.

Баерн на колена на Етихад, Интер со одличен резултат во Португалија

Гвардиола: Емотивно сум уништен, ми се скратија 10 години од животот

12 април 2023 - 11:23