Двајцата навивачи на Њукасл кои заиграа во Лига на шампиони и го згромија ПСЖ

Ако некои навивачи најеуфорично прославија пласман во Лига на шампиони после цели 20 години, тоа се оние на Њукасл. Просто уживаат во новата сезона на ЛШ а синоќа како јагодка на тортата се насладија и на историски триумф од 4:1 против богатиот ПСЖ.

Њукасл живее во бајка. Особено интересно е што меѓу хероите на убедливата победа над раскошниот Пари Сен Жермен од 4:1 главни јунаци беа играчи кои не се купени со пари од новите арапски инвеститори.

Њукасл пред неколку месеци доби нови сопственици, мнозинскиот пакет акции го откупи најбогатиот фонд на светот, оној од Саудиска Арабија. Иако на располагање имаат стотици милиони евра, во Њукасл решија да останат доследни и верни на традиционалните корени, па во екипата имаат и фудбалери кои од детство се со клубот.

Ден Берн и Шон Лонгстаф синоќа беа стрелци на голови и уште повеќе ја зголемија радоста на „Сент Џејмс Парк“. И двајцата од детство навивале за Њукасл. Тие се прави „џорди“, назив за жителите на реонот Тајнсајд, област каде домува и Њукасл.

ЛОНГСТАФ Е НАЈДРАГ БИСЕР ОД АКАДЕМИЈАТА НА ЊУКАСЛ

Шон Лонгстаф е од спортско семејство. Татко му играл за репрезентцијата на Британија во хокеј а вујко му Алан Томпсон го носел дресот на Њукасл во ’90-те години. Очекувани и Шон и помладиот брат Мет Лонгстаф се нашле во академијата на најголемиот клуб во регионот.

Кон првиот тим Шон Лонгстаф се приклучил во 2018-та кога Рафа Бенитез го забележал во пред-сезоната. Во август 2018-та Лонгстаф дебитирал за прв тим во Лига Купот против Нотингем Форест, а веќе во декември истата година дебитираше и во Премиер лига кога влезе од клупата за резерви на меч против Ливерпул. Во 2019-та  заработи победнички пенал на меч против Манчестер Сити и од тогаш е неизоставен дел од првиот тим.

Неговиот помлад брат, Мет Лонгстаф во 2020-та имал најмала плата меѓу сите првотимци (земал 850 фунти неделно) но му давал финансиска помош на еден клупски лекар кој се борел со вирусот кој го затвори цел свет.

Навивачите на Њукасл триеја раце кога на „Сент Џејмс Парк“ дојдоа Саудијците, сите очекуваа необуздано трошење милијарди, но тренерот Еди Хау се задоволи со тоа што го има и од тој мастраф направи екипа за респект ширум Европа.

Шон Лонгстаф стана незаменлив на средина на теренот и покрај тоа што Њукасл летово за рекордна сума од преку 80 милиони евра го купи Сандро Тонало од Милан.

Брат му Мет летово останал без клуб.

А Шон Лонгстаф синоќа против ПСЖ постигна гол кој ќе го памети засекогаш:

БЕРН Е УШТЕ ЕДЕН ГОЛЕМ ЈУНАК, НА 16 ГОДИНИ РАБОТЕЛ ВО СУПЕРМАРКЕТ А СЕГА Е ХЕРОЈ НА НАВИВАЧИТЕ

Ден Берн до 11 години тренирал во школата на Њукасл каде сметале дека не е доволно талентиран и бил прекуброен. Ова бил тежок удар за малиот Ден Берн кој дури имал и сезонска карта за натпреварите на првиот тим.

Продолжил да тренира во некој помал локален клуб а на 16 години почнал да работи во супермаркет, собирал колички за скромна плата.

Му се посреќило кога еднаш го видел скаут на нисколигашот Дарлингтон и веднаш барал да потпишат договор со него. После пар години Ден Берн стигна до големиот и богат Фулам. Раскажал тогаш дека тешкиот период и беспарицата го направиле да биде поборбен, посветен и да ја цени секоја пружена прилика.

Во 2014-та година Ден после неколку позајмици станал првотимец на Фулам. И веднаш се нашол на насловни страни откако на меч против Манчестер Јунајтед на Дејвид Мојес на „Олд Трафорд“ успеал дури 22 пати да ја исфрли топката од својот шеснаесетник.

Ден поминал пар сезони со Фулам во Чемпионшип но клубот решил да не му го продолжи договорот. Транзит му бил Виган преку кој стигнал до Брајтон. Таму бил ценет за точниот пас, за габаритот (висок 201 сантиметар) и за универзалноста (може да игра лев бек, десен бек и стопер).

Кога Њукасл го купиле Саудијците клубот барал лев централен стопер. Тогаш се појавил и Берн како кандидат па Брајтон го продал за солидна сума. Ден не можел да пропушти шанса да заигра за саканиот тим.

Тренерот Еди Хау го цени како најважен трансфер на Њукасл и за него вели дека е лидер во соблекувалната. Минатата сезона кога Њукасл се врати во Топ4 на Премиер лига и заслужи враќање во Лига на шампиони, Берн ги одигра сите натпревари (35 од 38 како стартер).

НАЈУБАВ МОМЕНТ ВО КАРИЕРИТЕ НА ДВАЈЦАТА ДРУГАРИ

Шон Лонгстаф и Ден Берн засекогаш ќе го паметат мечот со ПСЖ на кои постигнаа убави голови и беа дел од ѕвездената вечер кога еден гигант беше урнат.

„Немам зборови искрено! Пораснав гледајќи го Њукасл во Лига на шампиони а сега и сам играм во екипа која победи во Лига на шампиони. Постигнал гол за Њукасл во Лига на шампиони, тоа неме веќе никој не може да ми го одземе!“, зборувал Мет Берн во еуфорија после дуелот.

5 октомври 2023 - 12:29