Два гола на доктор Горан Пандев за јубилејни 100 во Серија А

Името на капитенот на Македонија ќе остане запишано со златни букви во Италија. Историјата е испишана, Горан Пандев влезе во клубот 100, а воедно е и најдобар екс ју стрелец во италијанската лига. Секоја чест мајсторе.

Горан Пандев не престанува да импресионира и тоа истовремено и на клупските и на репрезентативните настапи, а со своите 37 години ја живее втората фудбалска младост како ретко кој меѓу напаѓачите.

Вечерва на мечот против Беневенто му беа доволни само 10 минути за да постигне два гола и да стигне до јубилејната бројка од 100 комада во Серија А.

“Вечниот“ Пандев има постигнато најмногу голови за Лацио (48), па потоа следат Џенова (27), Наполи (19), Интер (5) и Анкона (1).

Беневенто два пати водеше на гостувањето против Џенова, но Горан два пати им одговори во 11-та па во 21-ва минута за 2:2 во првиот дел.

Не се раѓа секој ден ваква легенда. Издржливост, спремност, континуитет, лидерство, харизма, мајсторлук. 20 години топ не го бие во италијанскиот фудбал.

Не можете да сфатите што претставува Горан за нас. Повеќе од Модриќ за Хрватска. 

Ги памтите ли првата сезона и првиот гол на Пандев во Серија А?

21 април 2021 - 21:23