Го доживеавме и јубилејниот 100-ти гол на капитенот Пандев во Серија А. На големо се зборува за овој супер подвиг на единствениот фудбалер од овие простори со 100 комада во Италија. Но кој се сеќава на неговиот прв погодок на Апенините?
КАКО ТРГНА ЦЕЛАТА ПРИКАЗНА?
Откако одигра 1 сезона во најдобрата македонска лига за струмичка Беласица (2000/2001), Пандев на 18 години потпиша договор со Интер вреден околу 250.000 евра. Само што потпиша договор со нераѕурите, како и стотици други млади бисери и Пандев беше пратен на калење во пониска лига. Горан заедно со другар му Ацо Стојков се преселија во Специја во третата италијанска лига Серија Ц1.
Во Специја кај тренерот Куоги почетокот за младите Струмичани не бил лесен. Стојков на клупа за резерви седнал во 4. коло, а Пандев заиграл дури во 5. коло од старт.
Првиот гол во сениорски фудбал во трета лига во Италија Гоче го постигна на 27 октомври 2002 година, на мечот Прато - Специја 0-1 во 65' минута.
На крајот, авантурата на Горан во Специја заврши со одиграни 22 меча и постигнати 4 гола во сезоната 2002/2003. Стојков забележа 15 настапи без погодок.
Следната сезона одново за него немаше место во страшната конкуренција на Интер па пак го пратија на позајмица. Овојпат во новиот промовиран прволигаш, Анкона која од Серија Б штотуку влезе во Серија А. Пандев имаше само 20 години.
Парадоксално, оваа Анкона од 2003/2004, во Италија важи за една од најлошите екипи кои некогаш играле во Серија А. Организациски во мизерна состојба, тимот освоил само 13 бода на 34 натпревари! Никој не освоил толку малку бодови до ден-денес.
Цела таа сезона дресот на Анкона го облекле 46 играчи. Преодните рокови биле права катастрофа, се носеле и давале играчи како на пазар.
Анкона обезбедила пласман во Серија А првпат после цели 10 години. Во екипата се нашле Марио Жардел, Маурицио Ганц, Еузебио Ди Франческо, Кристијан Буки, лидерот на тимот Милан Рапаиќ, Дино Баџо и други.
Кога неочекувано се пласирале во Серија А, луѓето од управата мислеле дека со нагли претумбации и нагомилување куп играчи ќе преживеат во елитата.
Дошле Дарио Хубнер, Мадс Јоргенсен (брат на Мартин Јоргенсен на кого му ја дале 10-та), Андерсон, Бакин, Билика, Карус, Луизо, Маркон, Муси, Поџи, Сомезе, Суси, Виали и нашиот Горан Пандев.
Уште од старт сезоната најавила катастрофа. На клупа седел тренерот Леонардо Меникини, долгогодишен помошник на Карло Мацоне. Меникини за првпат работел самостојно како главен тренер и немал искуство со возрасни фудбалери.
Меникини освоил само 1 бод во првите 4 сезони и го избркале без приговор. Дошол Недо Сонети, тренерски ветеран во Италија, кој ништо не сменил.
Неверојатно но вистинито, Анкона освоила само 1 бод на гости во целата таа сезона (бод кај Реџина во Реџо Калабрија). Имале 16 порази на страна!
На крајот од јануари 2004-та го отпуштиле и Недо Сонети, а на негово место дошол Џовани Галеоне. И пазете го најјакиот момент, момент поради кој таа Анкона важи за најлоша која некогаш играла во Серија А.
Во зимскиот преоден рок 2004-та година, Анкона решава да продаде или позајми дури 18 фудбалери: Бакин, Луизо, Паренте, Рокати, Скарпи, Суси и Вијали заминале уште во декември (тогаш преодниот рок почнувал порано), а Бруно, Карус, Дегано, Ди Франческо, Хубнер, Јоргенсен, Малтаљати, Перовиќ, Поџи, Русо и Потенца заминале во јануари.
Во тоа време италијанската Серија А била далеку од совршена, па играчи можеле да направат трансфер и во ноември, а можеле и да сменат 3 клуба во една сезона.
Но тој носталгичен фудбал од тоа време недостасува денес во ера на богати индустријалци кои сакаат само профит.
Необична епизода од таа сезона на Анкона била и кога најпознатото засилување Марио Жардел (се сеќавате на Бразилецот кој даде страшни 169 гола за Порто па се прослави и во Галатасарај), толку тешко се адаптирал во Италија што на првиот меч против Перуџа ги отпоздравил навивачите на Перуџа наместо на Анкона.
ДЕБИТАНТСКИОТ ГОЛ НА ПАНДЕВ
Гоче дебитираше во Серија А на 2 ноември 2003-та откако го замени Салваторе Бруно во 83' минута од мечот Анкона - Сиена кој заврши 0:0. Веќе на својот втор настап во Серија А, Пандев го постигнува својот 1 гол кој засекогаш ќе се памети.
Против Болоња на „Ренато Дал'Ара“ во меч со 1 неверојатен автогол и еден еврогол, Горан ги постави конечните 3:2 со маестрален финиш: