Актуелниот италијански шампион има предност од 1:0 од првиот дуел на гости и ќе се бори да стигне до финале кое ќе се игра на нивни терен, додека Французите не се толку силни како пред неколку години и во моментов се петти во првенството.
Тоа што сладокусците на атрактивни голови сигурно би сакале да го видат е дуелот Пирло vs Жунињо, двајца махери од кои голманите стрепат кога тие се местат да шутираат од прекин. Но за жал тоа е невозможно, Жунињо е во пензија од пред околу три месеци, а Лион го напушти во 2009 година.
Затоа сега можеме само да си замислуваме како би било и двајцата вечерва да бидат на терен, да ги анализираме нивните тајни, да правиме разлики и да им ги броиме и гледаме нивните досегашни мајстории.
И двајцата имаат свој стил на шутирање во кои преовладува сила и прецизност. Во ударите на Италијанецот има поголема елеганција, остро ефе и обично гаѓа од релативно помала далечина. Жунињо е махер за од подалеку и го негува уникатниот шут „сув лист“ кога топката не се врти и има слегнувачка патека.
Поранешниот бразилски репрезентативец на 17 мај 2009 година за тимот на Лион го постигна голот со број 44 од слободен удар и си замина во пензија со вкупна бројка од 76 голови во неговата кариера.
Ќе останат запаметени оние против Ајачио од 41 метар, против Барселона од 45 метри, а на мечот против Ница стрелаше од дури 48 метри далечина. Реал Мадрид во 2005/2006 прими од него гол во кој топката се движеше со брзина од 126 км на час.
Пирло во Серија А до сега има постигнато 25 голови од слободен удар и го брка рекордот на Синиша Михајловиќ кој има 28. Искусниот италијански репрезентативец на сите натпреварувања на контото има 41 гол, а последниот му беше оној против Фиорентина во осминафиналето од Лига Европа.