Не престануваат критиките за македонската фудбалска репрезентација, која по очајните резултати во минатото против Андора и Лихтенштајн, минатиов викенд загуби и од Луксембург.
Распоредот на натпреварите во групата немаше милост, така што црвено-жолтите сега имаат исклучително тешка задача да се вадат против една од најсилните селекции во историјата на фудбалот.
„Разочарани сме после поразот од Луксембург, затоа што верувавме дека мечот со Шпанија ќе го дочекаме во добро расположение. Мислам дека играчите се максимално мотивирани и ќе се обидеме да бидеме прав тим. Утрешниот меч е голем настан за македонскиот фудбал. Верувам дека стадионот ќе биде полн, а ние ќе дадеме се од себе против репрезентацијата која е апсолутен фаворит. Играта на Шпанија е пресликана од онаа на Барселона, без разлика кој игра, а ние мора да бидеме ментално и психолошки спремни за овој меч", го отвори денешниот прес селекторот Љубинко Друловиќ.
Со дури пет порази во низа и само три освоени бода, Македонија се наоѓа на последното место во групата. Против Шпанија не може да се вадиш, но можеш барем да ја вратиш довербата кај публиката.
„Свесни сме каква селекција ни доаѓа. Мора да го дадеме максимумот од одбраната па до нападот. Голем предизвик е за нас играчите, за селекторот, како и за цела Македонија. Ќе има добра атмосфера, верувам и полни трибини", изјави новиот фудбалер на италијански Палермо, Александар Трајковски.
Што се однесува до евентуалните резултатски прогнози, селекторот вели дека со две раце би потпишал секаков позитивен резултат.
„Сигурно дека бод или победа е позитивен резултат за нас. Што се однесува до младите играчи кои дојдоа во А репрезентацијата, тие го заслужија тоа со својот однос и тие се иднина на македонскиот фудбал. Можно е некој од нив да го почне утрешниот дуел“, додаде Друловиќ кој од младинската во А репрезентацијата ги повика Барди, Николов, Зајков и Радески.
Стравот од брзо примен гол го надополнува и неизвесноста од реакцијата на публиката на Градски:
„Ако публиката почувствува дека играчите со својот однос покажуваат достоен пристап, очекувам позитивна реакција. Можеби сите ние заслуживме свирежи, но сега не е време за тоа", констатираше Друловиќ.
Мечот Шпанија - Македонија се игра во вторник со почеток од 20:45 часот. Шпанските новинари побарале дури 78 акредитации за овој меч, кој на Шпанците им значи во борбата за првото место. Тренингот на Црвената фурија е вечерва со почеток од 19:00, додека нашата селекција ќе тренира од 20:15 часот.