Долгиот тренерски пат до првата титула на Лучано Спалети

Со 64 години и 58 дена Лучано Спалети стана највозрасниот тренер кој освоил скудето во Серија А. Тој помина трнлив пат пред да го направи Наполи шампион.

СПАЛЕТИ БИЛ ПРОСЕЧЕН ФУДБАЛЕР НО БРЗО СТАНАЛ ОДЛИЧЕН ТРЕНЕР

Играчката кариера на харизматичниот тренер на Наполи не била блескава. Во школата на Фиорентина како мал не го одбрале меѓу најталентираните, но тој продолжил да тренира.

Стигнал до сениорски клубови и одиграл 146 меча во сите натпреварувања. Најголем дел од кариерата играл за Специја во Серија Ц.

Тренерската кариера ја почнал во Емполи каде една година работел со младинците, а после добил шанса во прв тим. И за само две години го внел Емполи од Серија Ц во елитната Серија А.

ДОЛГ ПАТ ДО ВРВОТ

После Емполи, Спалети во 1998-ма ја презел Сампдорија со која освоил Интертото Куп. Но во Серија А им одело многу слабо па добил отказ уште пред крај на сезоната, а екипата испаднала во втора лига.

Потоа слаби резултати имал и како тренер на Венеција која со скромен тим имала само една победа во два месеци.

Првите значајни успеси Спалети ги оствари во Удинезе кој од просечен тим го однесе дури до Лига на шампиони. Убава бајка за сите носталгичари по некогашната Серија А.

Романот со тимот од Удине завршил во 2005-та година кога сам се повлекол после неколку слаби резултати и рекол дека екипата веќе не може да напредува со него.

СИЛНА РОМА, СИМПАТИЧЕН ЗЕНИТ И ПРЕПОРОД НА ИНТЕР

После неколку недели по оставката во Удинезе, Спалети потпиша договор со Рома. Екипата под негова палка тргна скромно но потоа направи неверојатна серија од 11 победи (поставија нов клупски рекорд). На крајот од сезоната завршија на 5-то место но големиот корупциски скандал кој ја тресеше лигата им овозможи да завршат како втори и да се пласираат директно во Лига на шампиони.

Во групната фаза со Валенсија, Шахтјор и Олимпијакос, Спалети и Рома обезбедија пласман понатаму, го совладаа и Лион во осминафинале а потоа следуваше дебакло од Манчестер Јунајтед кога го претрпеа историскиот пораз од 7:1.

Во следната сезона во услови на ослабена конкуренција во борбата за врвот, Романистите завршија втори и за малку не ја освоија шампионската титула - се бореа со Интер со сам крај. Во меѓувреме освоија Куп на Италија.

После таа сезона, во новата, Рома освои Суперкуп и Куп на Италија а Спалети две години по ред беше прогласен за тренер на годината во Италија.

По заминувањето од Рим, Спалети зеде мал одмор а нов предизвик му беше понудата од рускиот гигант Зенит од Санкт Петербург.

Со оваа екипа освои две шампионски титули и стигна до осминафинале на Лига на шампиони - првпат во историјата на Зенит.

Во Русија стана еден од најценетите стручњаци и оствари врвни резултати со клубот од Санкт Петербург. Често низ кариерата раскажуваше дека од таа авантура во Русија носи многу убави спомени, а руските спортски новинари сè уште раскажуваат анегдоти од неговото време таму.

ВРАЌАЊЕ ВО ТАТКОВИНАТА

Во јануари 2016-та Спалети се врати на местото на успехот: на „Олимпико“ во Рим и одново ја презеде „волчицата“. Вторпат во кариерата.

Одличните резултати ја однесоа Рома на трето место во првата сезона и нов пласман во Лига на шампиони.

Во следната сезона Рома заврши на високото второ место со рекордни 87 бода за нив и рекордни 90 постигнати голови. Во Лига на шампиони во 1/8 финале испаднаа од Порто.

НОВ, БОГАТ КЛУБ СО ТУРБУЛЕНТНА АТМОСФЕРА

Откако го одработи договорот и се заситија со Рома, на Спалети му требаше нов голем предизвик и го најде во градот на модата. Интер му понуди 4 милиони евра годишно во 2017-та. Претседателот на нераѕурите, младиот Кинез Стивен Жан беше пресреќен на стадион кога Интер обезбеди прво учество во Лига на шампиони после 2011-та година.

Интер во тој период доживеа огромни промени на играчки и управувачки план па двете четврти места по ред во две сезони беше аналогно на скудето.

Периодот во Интер во втората сезона му го одбележи лошата атмосфера со Икарди, но успеа да ги донесе до Топ4 што беше голем успех.

Откако замина од Интер, Спалети се повлече малку од работата и на својот прекрасен имот Ла Римеса во Тоскана се посветил на виноградина и производство на маслиново масло со своите најблиски.

Во мај 2021-ва година потпиша договор со Наполи и го презеде клубот од Југот на Италија кој после неколку турбулентни периоди, на крајот го направи шампион. Го оствари сонот на целиот град кој од 1990-та година чекаше скудето.

„Понекогаш се вртам зад себе и гледам на кариерата. Низ сите овие години како да не патував со прва класа гледајќи низ прозор, туку патував со автостоп! Затоа да се најдам на неколку чекори од скудето е награда за сите жртви кои ги поднесов низ годиниве.

Секако, да се биде во таква позиција е пријатно. Многумина ми се смееа што облекував патики како тренер на натпреварите, но памтам колку мечтаев за нив кога не можев да си ги дозволам. Многу добро го паметам тоа време.

Имав можеби потежок пат од оние кои почнале на друго ниво. Заслужив уважување и почит како фудбалер и добив можност да почнам тренерска кариера на топ ниво“, раскажал Спалети во интервју за DAZN.

Прочитајте уште и:

Лучано Спалети - виноградинарот и земјоделец кој му донесе скудето на Неапол

Спалети се расплака поради починатиот брат и се тргна од камерата

5 мај 2023 - 14:44