Новинарите вчера го прашаа Жозе Мурињо дали сезонава може да освои Квадрпл, или да го крене трофејот во четири натпреварувања. Португалецот изјави дека тоа е невозможно за англиски клуб, пред сè поради згуснатиот распоред во кој немаат одмор ниту за празниците.
Во првата половина на минатиот век само на 4 клуба им успеа да освојат тројна круна. Селтик во '60-те, Ајакс во '70-те, ПСВ Ајндховен во '80-те и Манчестер Јунајтед во '90-те години. Ако порано беше реткост, во последните шест сезони, три пати се случуваше некој клуб да ја освои тројната круна. Баерн Минхен (2012/13), Интер (2009/10) и Барселона (2008/09)
Тројна круна освојуваа и Ливерпул 1983/84 и Порто во 2010/2011, но наместо ФА купот, црвените го освоија Лига купот, а Порто славеше во ЛЕ, наместо во ЛШ. Тоа можеби има малку помала тежина, но сепак ретко се случува и тој подвиг.
Минатата сезона, Реал Мадрид ја освои Лигата на шампионите и Копа дел Реј, а во Ла Лига заврши втор со три бода зад Атлетико Мадрид. Во сезоната 2010/11, Барселона ја освои ЛШ и Примера, но Каталонците го загубија финалето од Копа дел Реј. Барса таа сезона во финалето на ЛШ славеше против Манчестер Јунајтед, кој истата година ја освои Премиер лигата и стигна до 1/2 финалето од ФА купот.
Жозе Мурињо беше избран за најдобар тренер во сезоната 2009/10, кога со Интер освои Серија А, италијански Куп и Лига на шампиони против Баерн Минхен. Не е никаква мистерија дека најголемите европски клубови сè повеќе стрелаат кон тројната круна, а причините за тоа се едноставни. Фудбалот е поделен повеќе од кога и да е и големите клубови не само што имаат повеќе пари и ресурси од ривалите во домашното првенство, туку и повеќе заработуваат од учествата во европските натпреварувања.
Најголемите клубови во Европа го искористија и Босман правилото, според кое една екипа која игра во ЛШ и ЛЕ не смее да има повеќе од пет фудбалери кои доаѓаат надвор од ЕУ и мора да имаат минимум 3 играчи од својата школа. Од 1995. година кога е воведено ова правило, па до денес, Лигата на шампионите ја освојуваа екипи од четирите најдобри лиги во Европа: Англија, Шпанија, Германија, Италија.
Мурињо е во право кога вели дека англиските клубови немаат толку предност во Европа, поради згуснатиот распоред и бројот на домашните купови во една година. Познато е дека Англичаните немаат зимска пауза како останатите лиги, па така традиционално играат и за Божиќ и ден-два после Нова година.
На пример, Челси на Мурињо ќе игра 9 натпревари во 30 дена, поради што Португалецот изјави дека ќе мора да ги ротира сите играчи. Кога Барселона ја освои тројната круна во 2008/09, Каталонците освоија само 6 бода на последните 6 натпревари. Кога Интер со Мурињо освои триплета, во февруари имаше 9 бодови повеќе од Рома, за да во април разликата меѓу првиот и вториот да биде само еден бод. На Мурињо исто му се случи во 2004. година, кога стана шампион на Европа со Порто. Во домашното првенство, Порто имаше 7 бода предност на 6 кола пред крајот, но победија на само 2 натпревари.
Сепак, фактите говорат друго, а тоа е дека во последно време полесно се стигнува до три трофеи во сезоната, отколку порано.