„Јас никогаш не би се вљубил во девојка од Ла Коруња. А ако син ми почне да навива за Депортиво би го избркал од дома и би го пратил да работи во каменолом“, рекол еднаш Јаго Аспас пред дербито со Депортиво.
Големиот меч се играл во 2013-та. Јаго тогаш со сите сили ја туркал Селта при врвот од табелата во Ла Лига и брзо добил повик од Дел Боске во репрезентацијата на Шпанија.
На легендарниот „Риазор“ во Ла Коруња Јаго дошол толку многу накрвен што ни самиот не приметил како во средината од првиот дел во афект со глава го удрил Карлос Марчена по лице, а неколку секунди подоцна добил директен црвен картон.
Овој старт го збеснал селекторот Дел Боске кој го повлекол повикот, а Јаго рекол: „Направив глупост и пропуштив голема шанса.“
Но ништо не било случајно.
****
Марија Луиза и Урбе, родителите на Јаго Аспас се запознале во Моања, мало градче со 20.000 жители на брегот од Атлантскиот океан, на 20 километри од Виго.
Мајка му ловела остриги во океанот, а татко му дошол во Моања за да отвори продавница за авто-делови. Марија Луиза и Урбе се сретнале на брегот од океанот, почнале редовно да се гледаат и после неколку години добиле четири деца - Жонатан, Урбе-помладиот, Јаго и Аитор.
Сите четири браќа тренирале на песочните плажи во Моања каде Марија им правела топка од изгужван весник облепен со селотејп.
Во 1995 година чичко им Кристобал Хункал (играл на времето за Тенерифе и Луго), го донел малиот Јаго на проба во Виго. Селта организирала проба за деца родени во ’86-та година, но Јаго во еден момент заплакал затоа што бил една година помал и сфатил дека неговото време ќе дојде следната година на таа проба.
Чичко му Кристобал го тешел: „Кажи им дека имаш девет години и готово. Ме слушна?“
На тренингот бил збунет, еднаш паднал и дури ја скинал копачката, но истиот ден дома заѕвонил телефонот и им кажале: „Јаго е примен во Селта.“
„Сакам да ви признаам нешто, рекол Јаго. - Јас имам осум години.
- Боже, каква врска има тоа осум или девет? Задутре да си се појавил на тренинг во десет!
Во тоа време главен играч на првиот тим и идол на Јаго му бил Русинот Александар Мостовој кој играше одличен фудбал против Реал и Барселона, кој го одби Јувентус и кој се посрамоти кога го плукна Карагер во лице.
Малиот Јаго му се дивел на Русинот и сакал да го копира: „Мостовој ми беше идол во детството. Цела генерација израсна со неговата игра.“
Во јуниорските категории во Селта, Аспас заедно со својот другар Дани Абало (сега игра во Лудогорец) давале многу голови но Јаго бил и проблематичен.
„Он не знае да изгуби, да ги задржи емоциите. Јаго може да се каже дека не е од овој свет“, се сеќава неговиот прв тренер Хозе Амате.
На шеснаесет години станал уште понезгоден. После натпреварите тренерот му викал дека ќе го избрка од екипата ако не ги соземе своите нерви. Но Јаго ништо не разбирал и веќе на следниот меч удрил противнички фудбалер. Веднаш го избркале и после една недела заиграл за клубот Рапидо де Бузас.
Како голем инаетчија, го чекал мечот со Селта (играле во иста младинска лига) и направил шоу: покажал среден прст кон клупата, добил црвен картон и на пат кон соблекувалната се закачал со родителите на децата од Селта
„Надвор од теренот Аспас е одличен дечко, многу дружељубив, многу пријатен, многу добар. А на теренот чиста спротивност“, се сеќава претседателот на Рапидо де Бузас, Мануел Кордал.
За волја на вистината Аспас се извинил следниот ден на сите во Селта и на крајот од сезоната се вратил во својот матичен клуб.
****
Во сезоната 2008/2009 Селта западнала во долго „до гуша“ (80 милиони евра), виселе над пропаста и испаѓање во трета лига (сегунда Б) и го избркала тренерот Пепе Мурсио. Наместо него на клупата седнал Еузебио Сакристан кој 5 години му бил помошник на Франк Рајкард во Барселона. Но до последното коло ниту Сакристан уште не ја спасил екипата.
За да останат во сегунда што било важно за спас на клубот, во последното коло Галицијците морале да го победат Алавес.
Како што почнал мечот притисокот бил се поголем, а до средината на вториот дел немало гол. За да спаси што може да се спаси, Еузебио Сакристан ги внел во игра Аспас и Албало. После неколку минути на теренот, Јаго дава прекрасен гол на асистенција на најдобриот другар Дани Абало, но во 80’ минута Алавес израмнил.
Навивачите разочарани веќе почнале да излегуваат од стадионот кога во 94’ мнута Аспас распалил со левицата, ја видел топката во мрежата, тргнал кон трибината и со мегафон ја започнал прославата.
Од тој момент Јаго станал миленик на Виго иако до тој момент само два пати влегол во игра.
****
После пар години Селта конечно се спасила од кризата и долговите, Јаго Аспас постигнал 23 гола во сегунда и го внел клубот во елитната примера - првпат после цели 8 години.
Во првата сезона во Ла Лига се случила таа непријатна епизода со Марчена против Ла Коруња, Селта не играла добро но на крајот одново чудесно се спасила од испаѓање.
Во последното коло тимот од Виго беше со една нога во втора лига, заостануваше еден бод зад Депортиво, но Аспас одново постигнал гол во решавачкиот меч против Еспањол. Селта славела, а во исто време во Сан Себастијан Антоан Гризман го разбил Депортиво и Селта се спасила.
Во време на славје, Јаго Аспас седнал во едно ќоше од соблекувалната и плачел додека се поздравувал со Дани Абало затоа што наскоро Јаго требал да се пресели во Ливерпул, англискиот гигант кој за него платил девет милиони евра а Аспас на „Енфилд“ имал четири пати повисока плата.
На прошталната прес-конференција во Селта заплакале сите а Јаго заминал кај Брендан Роџерс кој барал замена за Луис Суарез кој беше суспендиран долго откако по којзнае кој пат гризна со сета сила противнички играч (во случајов Бане Ивановиќ од Челси).
Ова е период кога Ливерпул го имаше можеби еден од најубиствените тандеми во клупската историја Стариџ-Суарез кои се изнадаваа голови. Логично во таква околност Јаго седеше на клупа и даде само еден гол против Олдам во Купот и имаше само една асистенција во Премиер.
На епскиот натпревар против Челси на кој Ливерпул играше за освојување на толку долго чеканата титула, Јаго Аспас направи незаборавна глупост: Зема да изведува корнер по земја и директно му ја подаде на Вилијан кој отвори контра.
Над овој гест се смееше цела Англија а навивачите на Ливерпул го нарекуваа Аспас класично дрво:
****
Во 2014, откако сфатил дека не му е убаво да живее и игра во Англија, Јаго се врати во Шпанија: на стартот од новото поглавје во кариерата, во Севиља постигна 3 гола за 4 минути против второлигашот Сабадел но и покрај тоа остана да ја грее клупата за резервни играчи во следните неколку месеци.
Му се повторил „Ливерпул“ затоа што сега во Андалузија фантастично играл еден друг тандем: Бака-Гамеиро и за Јаго Аспас немало место. Во слободно време тој собирал информации за противниците и му спремал одлична подлога на тренерот Унаи Емери (денес Арсенал).
Кога веќе му здосадило од натпревар во натпревар да чека да влезе во игра од клупата, Аспас ги спакувал куферите и се вратил дома - во Селта, но се преселил во Виго туку во родниот град:
„Моања е мојот живо. Тука ги знам сите улици и бандери. Моите пријатели, кафулињата, картањето со другарите, прошетки со кучето - тоа е мој живот. А и татко ми живее на иста улица со мене“, раскажал Аспас тогаш.
****
Секој ден Аспас седнувал во кола и возел 20-ина километри на тренинг и назад. Се чуствувал многу среќен и на крилата на расположението го викнал Кристијано Роналдо на гости кај него во Моања - да одат на риболов.
„Кога ни гостуваше Реал, видов дека Кристијано не е добро расположен. Тој е многу добар другар, но е склон да оди од крајност во крајност. Му се јавив и го поканив на гости. Му реков: „Кога ќе ги пробаш нашите остриги пак ќе се вљубиш во животот.“
Во домот се случи мала веселба: на гости ни дојде Кристијано Роналдо.
Во првата сезона по враќањето во Селта Јаго Аспас на клупата го начека аргентинскиот тренер Едуардо Берицо кој му дал целосна СЛОБОДА на теренот. А тоа Јаго го барал уште од оној фамозен гол против Алавес на времето.
Се изнадавал голови и добил нов повик од селекторот на Шпанија, Хулен Лопетеги. Во ноември 2016-та Јаго влезе во игра наместо Витоло на „Вембли“ против Англија. Шпанците губеа 2-0 и само чудо ги спаси од дебакл. На минута до крајот од мечот, Аспас го дрибна Стоунс и постигна прекрасен гол. После неколку минути Шпанците дадоа уште еден брз погодок и израмнија 2-2.
После мечот новинарите на BBC приметиле дека Јаго на теренот држел два дреса: едниот во кој играл, а другиот под него со потпис од сите репрезентативни другари.
„Не знам дали пак ќе се вратам во репрезентацијата, па решив дома да понесам драг суверни“, им објаснил напаѓачот.
Но за негова среќа, тој дрес не бил последен репрезентативен во кариерата. Јаго Аспас заслужено се најде на списокот патници на Светско 2018 во Русија каде играше супер фудбал: во последниот меч од групната фаза постигна гол против Мароко и ја однесе Шпанија во 1/8 финале.
А таму во осминафиналето на „Фуријата“ и се случи Акинфеев, меѓу бројните промашени пенали беше и оној на Јаго Аспас и Шпанците испаднаа од Мундијалот.
Во последните три сезони во Селта Виго, Аспас е најдобар стрелец (14 погодоци во 2015/2016, 19 во 2016/2017, 22 во 2017/2018).
Големиот Диего Тристан го нарече Јаго најголемиот играч во историјата на Галиција, а Мостовој за него рекол дек Аспас е симбол на клубот. Изминатово лето, Хулен Лопетеги кој стана тренер на Реал Мадрид и остана без Кристијано Роналдо, сакал да го доведе Јаго на „Сантијаго Бернабеу“.
Флорентино Перез ги водел преговороите, но брзо сфатил дека Јаго нема намера да си оди од мирната Моања каде лови риба со другарите.
„Јас секогаш се гледам себеси во Селта, затоа и го продолжив договорот со клубот. Се надевам дека ќе играм вака што е можно подолго.“
Овие зборови Аспас ги потврдува од коло во коло. Ноќта меѓу 26 и 27 октомври од петок на сабота, Јаго цела вечер бил во породилно каде не спиел ниеден час, следното утро дошол во клупската база и вечерта постигнал три гола (хет-трик) против Еибар.
На почетокот на ноември Јаго веќе има осум гола во првенството. Во моментов има 31 година но секоја година игра се подобро и делува посвежо.
Од таа причина ако во Виго прашате кој е подобар, Роналдо или Меси, ќе ви одговорат: „Аспас“.