Начо Фернандез

Дискретниот херој на Реал кој од 12 години игра со дијабетес

Во ситуација кога ги гледате најголемите ѕвезди на светскиот фудбал кои прават чуда со топката, тивкиот и скромен Начо од сенка ви делува како недоволно вешт за да биде дел од големото семејство на Реал. Но не е така.

Начо е наследник на старата школа фудбалери - верен, доследен, борбен, истраен, пристоен, одличен фудбалер. Многумина и не знаат за здравствените проблеми со кои се соочил и тоа дека не живее во Мадрид а игра за Реал.

***

Секој ден во време на ручек Начо вади нов шприц и си вбризгува инсулин. Во неговата торбичка секогаш има апарат за мерење на шеќерот а во белешките од смартфонот чува список производи кои е подобро да не ги јаде.

До такви правила Начо се придржува уште од свои 12 години.

Тогаш изненадно му станало лошо при една подготовка за турнир. „Постојано трчав да напишам во колку саат што јадев, пиев литри вода, се сеќава Начо кој во тој момент веќе две години поминал во интернат и речиси никогаш не настинал. „Мајка ми беше многу исплашена што одев на петдневен турнир. Таа се јави во болница и отидовме на прегледи“, памети дефанзивецот на Реал Мадрид.

Неколку тестови покажале дека нивото на шеќер во крвта му е зголемено па затоа имал вртоглавица. Дијагнозата била: дијабет од 1. тип. Начо до ден-денес ги памети шокот и стравот кои го облеале после тие вести. Еден доктор му кажал дека со фудбалот е готово.

„Замислете како се чувствувало дете од 12 години на кого му кажуваат такво нешто. Беше ужасно, ми се скршија соништата. Се вративме дома и го поминав најстрашниот викенд“, раскажува шпанскиот репрезентативец.

Но еден друг лекар му оставил малку надеж на малиот Начо. Кај него отишле во понеделникот.

„Ме прими нашиот семеен доктор, се вика Рамирез. Единствено нешто што сакав да слушнам од него е - дека ќе може да се занимавам со фудбал. А се помина уште подобро: тој кажа дека спортот мене просто ми е неопходен за состојбата. Скокав од среќа! Пред да ме пушти ми нареди три пати неделно да ја следиме состојбата.“

Во прво време соиграчите чудно го гледале Начо: им било нејасно како едно дете само си става инјекции во соблекувална. Но искрениот Начо им раскажал сè за болеста и за лекарите, а тие брзо му нуделе помош за што и да треба.

Дијабетот го приморувал Начо да биде многу внимателен. Докторите следат колкаво му е нивото на шеќер во крвта но за состојбата за време на тренинзи и за диета тој е должен сам да води сметка. А Начо каков што е одговорен на теренот, таков е и надвор од него. Тој дури отишол и во плус со добри резултати.

„Кога се занимаваш со спорт, сите неудобства од болестите ги преживуваш полесно. Мене тоа (дијабетесот) дури и ми помогна во кариерата. Правилна исхрана и одмор на телото се неопходни за врвните спортисти а други оптеретувања поради дијабетесот нема. Јас дури се трудам да работам повеќе од другите. Ако се е под контрола, немам никакви проблеми. Можно е затоа и никогаш сум немал сериозни повреди“, вели човекот кој пред два дена ја освои неверојатната четврта титула во Лига на шампиони со Реал Мадрид.

Начо дебитираше за Реал кај Мурињо кога имаше 21 година. „Тогаш ми се оствари сонот. Толку години се трудев да се протнам во првиот тим и затоа сум му благодарен на Мурињо за шансата“, изјави тогаш дефанзивецот.

После дебито, Начо се вратил во Кастиља но никогаш не го напуштил системот на Реал.

„Искрено, имаше периоди кога сомневав. Секоја меѓусезона ми доаѓаа мисли да отидам некаде каде ќе ми веруваат повеќе. Но останав верен на клубот. Во летото 2016-та кога мене активно ме бараше Рома, јас го продолжив договорот на уште една година на барање на клубот и новиот тренер. И исправно постапив“, раскажува универзалниот бек.

Тој тренер беше Зинедин Зидан. Кај Французинот, Начо ја одигра најдобрата година во кариерата, забележа 38 официјални натпревари и премина во нов статус за кој на една прес-конференција зборуваше самиот Зидан:

„Начо е многу важен за нас. Тој е класичен универзален бек кој знае многу нешта“.

Сезонава во ЛШ Начо одигра комплетно 6 меча, а во финалето против Ливерпул го замени повредениот Дани Карвахал.

„Ливерпул има тројца фантастични играчи напред: Салах, Мане и Фирмино секому може да направат многу проблеми со брзината и инстиктот за гол, но ние не се плашиме и знаеме како да ги сопреме“, изјави репрезентативецот на Шпанија пред финалето во Киев и како да знаеше што ќе се случи. Одбраната на Реал во целост ги скроти убивствените игли на „Црвените“.

Интересно, Начо е најскромниот и најнеприметлив херој на Реал. Тој се родил близу Мадрид, во градот Алкала де Енарес кој има 200.000 жители а толку го сака родниот крај што до ден денес не се преселил во престолнината Мадрид.

„Домот, семејството и најблиските другари ми се тука и среќен сум со нив. Да, играм за еден од најдобрите клубови на светот но тоа не го смени мојот живот. И натаму шетам со жена ми и децата, излегувам во центарот, одам на пијалак со другарите. Просто се е во ред“, продолжува Начо кој е дискретен херој на Реал.

 Има 28 години и велат дека никогаш не стана суперѕвезда, но навивачите на Реал Мадрид и не очекуваат од него такво нешто.

„Среќен сум што играм во саканиот клуб и сакам во него да ја завршам кариерата“, додава Начо кого го ценат во прв ред за неговата верност и скромност. Тој се бори за клубот и покрај болеста со која мора да живее и која лесно можела да направи светот да не дознае за некое талентирано 12-годишно дете.

„Знам дека дијабетот ќе биде со мене до крајот на животот. Сакам... да може да најдат некое лекарство. И онака веќе се навикнав. Понекогаш се чини дека до мене секогаш трча некој соиграч. Но и ако не играм фудбал, ќе возам велосипед, ќе трчам дијатлон или тријатлон. Дијабетесот не ме спречува да го правам тоа што го сакам“, заклучува шпанскиот репрезентативец кој ќе го гледаме на Светското во Русија летово.