Николо Пизили е дете на Рома кое било капитен уште во најмладите категории. На една култна фотографија направена пред 10 години Пизили околу рака носи капитенска лента.
А синоќа пред преполн „Олимпико“ му се оствари сонот - постигна гол за Рома во Лига на шампиони против Слован Братислава:
Тој уште од раѓање е романист. Поточно роден е во Казал Палоко, бастионот на тифозите на Рома во Рим, познато место за сите романисти. Таму во 80-те години живееле легенди на Рома како Карло Анчелоти и сега Пауло Дибала.
Оваа населба е близу базата на „римската волчица“ во Тригориа.
Интересно татко му на Николо Пизили навивал за Јувентус и тој и нивна соседка која често ги гледала натпреварите на малиот Николо биле единствени во крајот кои не навивале за Рома. Таа била за Лацио и верувала дека еден ден ќе заигра за бјанкочелестите.

На 9 години на еден домашен ручек мајка му на Николо под салфетката му ставила покана за проба во Рома. Кога ја прочитал се расплакал од среќа.
А понатаму Николо Пизили растел, се развивал во фудбалската школа на Рома и набрзо станал капитен. Често собирал топки со децата на натпреварите на „Олимпико“ а еднаш дури и добил дрес од Холанѓанецот Кевин Стротман иако им било забрането да земаат опрема од првотимците.
Шанса во прв тим на Рома му даде Жозе Мурињо. После неколку тренинзи Мурињо кој бил воодушевен од Николо, му рекол: „Мали, дали ќе се исплашиш ако те пуштам во игра ненадејно?“
Пизили мислел дека тоа е една од бројните шеги на шефот со кои ги опушта играчите кои се смеат додека напорно трчаат. Но Мурињо не се шегувал ниту се смеел.
Веќе следниот ден му дал шанса и тоа на најголемиот натпревар на сезоната, против Интер во Серија А. А после првиот гол за Рома на Николо и тој и Мурињо заплакале.
Пизили веќе не е дебитант ниту младинец на Рома. Тој е капитен на Рома, односно замена за првиот капитен Лоренцо Пелегрини кој се почесто е на клупата за резерви.
Синоќа Николо Пизили го постигна својот прв дебитантски гол во Лигата на шампиони, во триумфот 4-0 против Слован Братислава. Како на времето Тоти со капитенска лента околу раката, пред полната Јужна трибина.