„Дербито на Италија“ му припадна на Јувентус

Јувентус со 2:0 го победи Интер на натпревар помеѓу едни од најголемите ривали во Италија и не му дозволи на Милан да ја зголеми предноста на табелата во Серија А.

Екипата на Интер имаше шанса со добар резултат од дербито да се искупи пред навивачите за слабите резултати, а воедно и да го фати последниот воз за пласман во Лигата на шампиони, но фудбалерите на Јувентус не дозволија да му се исполни желбата на Клаудио Раниери.

Ова беше вкупно 218-ти официјален дуел помеѓу најголемите ривали кои доаѓаат од различни градови во Италија. Јувентус има 98 победи, Интер 67, а 53 натпревари завршиле без победник.

Интер беше рамноправен противник, но само во првиот дел. Во второто полувреме на теренот играше само една екипа и Јувентус можеше да победи и со поголема разлика од крајните 2:0 доколку не беа пропуштени повеќето шанси пред голот на Интер.

Одбраната на Интер за прв пат потклекна во 57-та минута кога по изведениот корнер на Пирло, Касерес го искористи празниот простот и ја затресе мрежата со удар со глава.

Победата ја завери легендата Дел Пјеро во 71-та минута по асистенција на Видал. Тоа беше прв гол за Дел Пјеро во Серија А оваа сезона, но вкупно 288. во дресот на Јувентус.

Милан води на табелата со 63 поени, пред Јувентус со 59. Интер е на 8-та позиција со 42 поени и цели 10 поени заостанување зад Лацио на третото место, позиција која води во квалификациите за Лигата на шампиони.

СЕРИЈА А - 29. КОЛО:

сабота
Палермо - Удинезе 1:1
Миколи 32 - Торже 85

Милан - Рома 2:1
Ибрахимовиќ 53п, 83 - Освалдо 44

недела
Аталанта - Болоња 2:0
Габијадини 50, Трибоки 91

Новара - Лече 0:0

Наполи - Катанија 2:2
Џемаили 61, Кавани 67 - Споли 74, Ланзафаме 85

Џенова - Фиорентина 2:2
Белуши 21, Паласио 89 - Монтоливо 31, Натали 69

Лацио - Каљари 1:0
Дијаките 87

Киево - Сиена 1:1
Ачерби 9 - Дестро 51

Чезена - Парма 2:2
Сантана 47, Дел Неро 53 - Флокари 40, Палета 61

Јувентус – Интер 2:0
Касерес 57, Дел Пјеро 71

25 март 2012 - 23:38