Од АДСДП велат дека пред мечот Шкендија - Тотенхем, целокупна проверка на теренот направиле делегат на УЕФА, заедно со судиите и тие потврдиле дека нема никаква нерегуларност и дека димензиите на головите биле според правилата на УЕФА.
Ист бил случајот и на претходните пет меѓународни натпревари одиграни овој месец кои ги поминале сите контроли.
Сепак на крај решиле да интервенираат во интерес на мечот.
Соопштението ви го пренесуваме во целост:
„АД за изградба и стопанисување ги отфрла како неосновани тврдењата во одредени медиуми дека е направен пропуст во димензиите на рамката на еден од головите на Националната Арена „Тодор Проески’’. Пред почетокот на овој натпревар, исто како и пред сите меѓународни натпревари делегат на УЕФА и судиите извршија проверка на целокупниот терен. По детално извршената проверка, од нивна страна беше потврдено дека се задоволени условите за одржување на натпреварот. Димензиите на рамките на головите беа во рамки на УЕФА правилата, односно делегатот на УЕФА и судиите констатираа дека се во рамки на дозволеното отстапување. По реакцијата на тренерот на Тотенхем, во интерес на натпреварот , висината на двата гола веднаш беше минимално корегирана.
На официјалната интернет страница на екипата на Тотенхем не само што немаше какви било забелешки за условите за игра, туку сите објави беа во насока на пофалби за одличната организација на натпреварот и условите за игра
Во изминатите 20 дена на Националната Арена „Тодор Проески’’ беа одиграни 5 меѓународни натпревари и сите ги поминаа ригорозните инспекциски контроли на УЕФА.
АДСДП смета дека ваквите написи, без дополнителна проверка на фактите се единствено на штета на спортот и спортските работници во државата, како и на максималните напори кои ги вложува раководството на АДСДП во одржувањето на Националната Арена „Тодор Проески’’ според сите светски стандарди“.
Инаку Жозе направи шоу од целата ситуација и за стативите на Градски разбра цел свет.