Вечерва, на 17 јуни (среда) навршуваат 100 дена од прекинот на Премиер лигата.
Најдобрата и најгледаната лига на светот се враќа со цел да доигра 92 натпревари и да ја комплетира сезоната 2019/2020.
Иако за главната интрига - шампионската титула не се збори уште од минатата есен, сепак има многу други отворени прашања, како кои ќе опстане, кој ќе испадне, кој ќе оди во Европа.
Астон Вила - Шефилд Јунајтед (18:00)
Манчестер Сити - Арсенал (21:15)
КОГА И КАДЕ ЛИВЕРПУЛ ЌЕ СТАНЕ ШАМПИОН?
Кога кон Земјата би се приближил загрозувачки метеор и би имале уште пар дена за да кажеме збор два, многу навивачи би рекле: „Штета за Ливерпул, ама кога цела Вселена е против, не можеш ништо“.
Шалата на страна, Јирген Клоп и Ливерпул во најскоро време треба да бидат крунисани за нови шампиони на Англија, титула која што генерации навивачи на клубот од Енфилд страшно ја чекаа 30 години!
Ливерпул има предност од 25 бода (ај да кажеме и дека Сити има меч помалку), 27 победи на 29 меча, пораз од Вотфорд кој не им дозволи да станат нови Invincibles.
Актуелниот европски првак од титула го делат само 6 бода. Најкраток пат до тоа им се 2 победи, со Евертон на жешкиот „Гудисон Парк“ и дома против Кристал Палас за некој ден.
Ако ако Манчестер Сити вечерва на денот на рестартот изгуби од Арсенал, тогаш Ливерпул ќе има голема шанса да стане шампион во дербито на Мерсисајд во недела.
На хоризонтот се појавија неколку рекорди кои би можел да ги постигне Ливерпул. Ако успеат да направат подвиг и победат на преостанатите 9 меча, избраниците на Клоп ќе соберат 109 бода и ќе го срушат епскиот рекорд на Сити со 100 бода во сезоната 2017/2018. Можно е да се намалат очекувањата на пример на 6 победи колку што им требаат да ги стигнат рекордните 32 победи на Сити од таа сезона.
ГОЛЕМА БИТКА ЗА ЛИГА ШАМПИОНИ
Математички во четворката која води во Лига на шампиони би можел да се најде и 20-от Норвич. Во моментов местата кои водат во ЛШ покрај Ливерпул и Сити ги држат уште и Лестер и Челси а настрвени ги бркаат Манчестер Јунајтед, Тотенхем, Арсенал, Вулверхемптон и пазете, Шефилд).
Ливерпул теоретски обезбеди ЛШ уште во февруари.
Манчестер Сити би можел да остане без Лига на шампиони поради дисквалификација, затоа што УЕФА ги суспендираше поради кршење на финансиски фер плеј, но клубот упати жалба до CAS (Судот за спортска арбитража во Лозана), така што лесно би можело да се случи и 5. место во Премиер да добие вајлд-карт наместо Сити.
Лестер блеска предводен од Брендан Роџерс и е втор со 53 бода, дури 5 повеќе од Челси и 8 повеќе од Манчестер Јунајтед. Но не треба да се заборави дека „лисиците“ во 4 последните 5 кола играат против директните конкуренти за место во Европа.
Челси играше по системот топло-ладно но 3. место со подмладен состав и евентуален пласман во Лига на шампиони би бил огромен успех - подлога за втора сезона на Френки на клупата на „Стемфорд Бриџ“ со моќни засилувања (Кај Хаверц и Тимо Вернер).
Паузата најмногу го зафркна Манчестер Јунајтед кој беше во топ форма првпат откако на Солскјер му го избришаа тоа в.д. Манчестер има серија од 11 меча без пораз, триумф во градското дерби и убедлив пат во Лига Европа.
Рестартот ќе биде тежок за Јунајтед (го чекаат Тотенхем и Шефилд), а после ги чекаат натпревари со 4 екипи од долниот дел на табелата (некогаш и тие се опасни за современиот Јунајтед, докажано).
Тотенхем пред прекинот поради глобална пандемија беше најдепресивен од сите топ клубови. По безнадежното испаѓање од Лајпциг во ЛШ, актуелниот европски вицешампион го „задесија“ и повреди на Кејн и Сон (Жозе Мурињо рече дека потенцијален финиш во Топ4 сезонава би бил негов најголем успех во кариерата).
Но 100-дневната пауза им донесе мала воздишка, зошто Сон се врати од повреда а дури и отслужи воен рок во Кореа.
Вулверхемптон и Шефилд Јунајтед го заокружуваат Топ6 но ќе мора да ја задржат формата од првиот дел од сезоната (ако Шефилд го победи заостанатиот меч со Вила, ќе биде 5. место).
Овие два тима се двојат од сите останати по тоа што станува збор за екипи кои: играат во иста тактика од почеток на сезоната до крај (Шефилд) и најголема физичка подготвеност (Вулверхемптон ја отвори сезоната уште во јули и веќе одигра 48 меча!).
Главни ѕвезди им се тренерите, Нуно Еспирито Санто и Крис Вајлдер.
Неправедно е да се заборави Арсенал кој иако играше очајна сезона, сепак би можел да ја стопи бодовната негатива до крај. Само да не заборавиме дека Арсенал од 18-от Борнмут и од третиот Лестер го делат исто 13 бода.
„Топџиите“ не играле во Лига на шампиони од сезоната 2016/017 и лани пропуштија две големи шанси да се вратат.
„Тоа што не сме играле ЛШ во последните три сезони е огромен притисок за клубот на финансиски план“, рече тренерот Артета кој вечерва првпат ќе игра против Манчестер Сити каде со години беше помошен тренер.
Притоа ако не се пласираат во ЛШ тешко дека ќе го задржат најдобриот стрелец, Габонецот Пјер-Емерик Обамејанг кој постигна 49 гола откако дојде во Премиер лигата (договорот му истекува во 2021).
Плус: Во пролетта 2019 Јунајтед, Арсенал и Тотенехм од последните 18 меча победиле на само 5!
КОЈ ЌЕ ИСПАДНЕ ОД ЛИГАТА А КОЈ ЌЕ СЕ СПАСИ?
Сите клубови кои се борат за опстанок гласно и отворено беа за рестарт на лигата со цел побрзо да имаат какви-такви приходи од тв права и реклами.
Сите условно помали клубови жестоко се бореле против предлогот фудбал да се доигра на неутрални терени.
Сега секој од нив има по 9 меча (Астон Вила 10) за да ја решат својата судбина.
- Брајтон (29 бода) е единствен тим без победа во 2020. На сите им се допаѓа тактичката револуција на Грем Потер но таа само го приближи Чемпионшип и не даде резултати
- Вест Хем (27) - ако не знаете на што да се кладите, просто само избегнете ги „чеканите“. Вест Хем после почетно водство изгубил 22 бода - најмногу од сите во лигата.
- Вотфорд (27) - со Најџел Пирсон се симпатична екипа и откако преминаа на 4-2-3-1 го згазија Ливерпул со 3:0. Само проблемот е што оваа победа им е единствена во последните 7 кола.
Борнмут (27) - После 5 прекрасни години во Премиер лига жално би било да испаднат, но Борнмут го чекаат две гостувања во Манчестер и дуел со Лестер на кој му се игра пак во Лига на шампиони.
- Астон Вила (25) - екипа која многу зависи од лидерот Грилиш и екипа која е близу до испаѓање.
- Норвич (21) Норвич со една нога беше испаднат пред прекинот на Премиер. Ќе видиме дали овие 100 дена пауза нешто драстично смениле.