Дали 2-1 е најнезгоден резултат пред реванш?

18 пати во историјата на ЛШ една екипа бранела резултат од 2-1 во реваншот. Јувентус има искуство со оваа предност, која ќе ја штити вечерва во Дортмунд. Старата Дама даваше гол на сите седум претходни средби со „Милионерите“ во минатото.

Првиот натпревар од осмина-финалето меѓу Јуве и Дортмунд го добија домаќините 2-1. Дали е тоа добар резултат и остава ли некаква надеж? Во ваквите случаи најдобро е да го тргнете дигитронот на страна и само да играте фудбал.

18 ПРЕТХОДНИ

Ги разгледавме сите натпревари во нокаут фазата во ЛШ од нејзиното постоење (осмина, четврт и полуфинале) кога првиот натпревар завршил 2-1 за екипата која играла дома. Фактите велат дека дури 10 од 18 пати, екипата која го загубила првиот натпревар, се пласирала понатаму.

ИСКУСТВАТА НА ЈУВЕНТУС

Анализата со досегашните искуства на Старата дама им даваат каква таква гаранција на Јувентините дека вечерва во Германија, сè ќе оди по планот. Јувентус во сезоната 98/99 го победи Олимпијакос 2-1, а реваншот во Пиреја заврши 1-1, по што Бјанконерите се пласираа понатаму.

Во другите два случаи, Јуве неуспешно бркаше резултат 2-1. Против Ливерпул 2-1 на Енфилд за Црвените, 0-0 во реваншот. Незаборавно е и полуфиналето на ЛШ 2002/2003 против Реал Мадрид, кога Јуве загуби 2-1 на Бернабеу за да во реваншот го прегази Реал 3-1 и да се пласира во финалето.

ОТВОРЕНА ИГРА

Најсвеж случај со резултат 2-1 во нокаут фазата доаѓа од сезоната 2011/2012 кога Баерн Минхен и Реал Мадрид по идентични победи, шутираа пенали на Бернабеу. Тогаш кога Серхио Рамос ја шутна топката „на Марс“ и Реал испадна по пенал рулетот.

Сезоната 2009/2010 имаше најмногу натпревари во ЛШ кои завршија 2-1. Порто го победи Арсенал 2-1 на Драгао, а по две недели загуби со 5-0 на Емирати. Интер славеше 2-1 против Челси на Меаца, а подоцна и на Стемфорд Бриџ 0-1. Фиорентина загуби 2-1 од Баерн Минхен и залудна беше победата од 3-2 во Фиренца.

Истата сезона, Баерн Минхен го победи Манчестер Јунајтед 2-1 на домашен терен, а на Олд Трафорд се извади со 3-2 за „Црвените ѓаволи“.

ИТАЛИЈАНСКИ 2-1

Екипите од Апенинскиот Полуостров досега 8 пати играле реванш откако првиот натпревар го добиле 2-1. Освен гореспоменатите Јуве, Интер и Фиорентина, резултат 2-1 требаше да брани и Рома во четвртфиналето против Манчестер Јунајтед. На Олд Трафорд, Волчицата доживеа кошмар и загуби 7-1.

18 март 2015 - 13:54