
Брајтон е повремен англиски премиерлигаш кој стекна силна стабилност во последните неколку години, а лани стигна дури и до рекордно високо шесто место во најсилната лига на светот и обезбеди пласман во Лига Европа.
Овој клуб играше и во полуфинале на ФА Куп против Манчестер Јунајтед и изгуби на пенали после продолженија.
Но темата ни е друга. Брајтон освен што прави врвни резултати со младиот италијански стратег Роберто Де Ѕерби, туку и маестрално работи на трансфер пазарот.
ТРАНСФЕРИ ЗА ВО УЧЕБНИЦИ
Од сезоната 2017/2018 до денес, Брајтон заработил неверојатни 269,49 милиони евра!
Прва сериозна продажба им беше француското крило Кнокерт кого прво го купиле од Стандард Лиеж за 3,5 милиони евра, па го продале во Фулам за 11,7 милиони евра после четири ипол години. Заработката на него им била 8,2 милиони евра.
Со овој трансфер почнал и сериозниот подем. Управата од тогаш правела растур-систем на пазарот.
Најголеми продажби им се:
- Берн (англиски бек), купен од Виган за 3,55 милиони евра, продаден во Њукасл во 2022 за 15 милиони евра. Три ипол години бил во Брајтон а на него заработиле чисти 11,45 милиони евра.
- Санчез (шпански голман), дојден од академијата на Леванте без обештетување, за 0, а продаден во Челси летово 2023 за огромни 23 милиони евра. После 10 години во Брајтон и фантастични одбрани, Санчез се пресели на „Стемфорд Бриџ“ и му донесе на својот досегашен клуб чисти 23 милиони евра!
- Тросард (белгиски играч од среден ред), купен од Генк за 15,6 милиони евра. Продаден после 3,5 години во Арсенал за 24 милиони евра. Чиста заработка 8,4 милиони евра после 3,5 години одлични настапи на Белгиецот во Брајтон.
- Бисума (Мали, среден ред), дојде во Брајтон од француски Лил за 15,6 милиони евра, а во 2022-ра отиде во Тотенхем за 29,2 милиони евра. После четири години во Брајтон, на него заработија 12,4 милиони евра.
- Марк Кукуреља (шпански бек), овој интересен лев бек после само една година во Брајтон каде дојде од шпански Хетафе за 20 милиони евра, потпиша со Челси договор вреден 65,3 милиони евра! Чисти 43,5 милиони евра за Брајтонци.
- Мекалистер (Аргентина, среден ред), светскиот шампион и добар другар со Лео Меси блесна на Мундијалот во Катар. Тој во Брајтон дојде во 2019-та од Архентинос Хуниорс за 8 милиони евра, а во 2023-та го продадоа во Ливерпул летово за 42 милиони евра! После четири години во Брајтон на клубот му донесе цели 36 милиони евра!
- Моизес Каиседо (Еквадор, среден ред/одбрана), фудбалер околу кој се врти целиот муабет летово за трансферите. Само што договориле се со Ливерпул, тој во последен момент решава да го испочитува зборот кој го дал на Челси уште на пролет годинава и замина за Лондон.
Сините за него ќе платат астрономски 133 милиони евра за трансфер и евентуални бонуси. А тој дојде во Брајтон од Индепендиенте дел Ваље пред две години за само 5 милиони евра. На него Брајтон заработува 128,5 милиони евра со што голем дел од сумата (околу 26 милиони евра) ќе одат на име на неговиот поранешен матичен клуб од Еквадор, Индепендиенте кој имал клаузула во договорот за продажба, 20% од следниот трансфер да оди на нивна сметка.
ОД ЧЕЛСИ ЗАРАБОТИЈА ВАГОНИ ПАРИ
Трансферот на Моизе Каиседо од Брајтон во Челси е веќе трет годинава на таа релација. Претходно по тој пат тргнаа бекот Марк Кукуреља и голманот Роберт Санчез. Од сите тројца Брајтон заработил страшни 221,8 милиони евра (во фунти).
Една од ретките зделки во кои влегле во минус е поранешниот напаѓач на екипата Нил Мопе кого го продале во Евертон за 12 милиони евра а три години претходно го платиле 15,6 милиони евра.
Брајтон се подлабоко загазува во Јужна Америка. Веќе втора рекордна продажба во Топ10 најскапи трансфери на свет доаѓа од Брајтон и од Јужна Америка. После Мекалистер за кого Ливерпул плати вреќи со пари (преку 100 милиони евра), на листата најскапи трансфери со Нејмар и Мбапе, сега е и Каиседо како трет на оваа листа.
Во Брајтон често доаѓаат играчи од Латинска Америка: Первис Еступињан, Хулио Енсисо, Стивен Алсате, Жоао Педро.
БАРААТ ИГРАЧИ СО ПОМОШ НА ВЕШТАЧКА ИНТЕЛЕГЕНЦИЈА
Во април 2023-та година претставник на еден топ премиерлигаш анонимно го пофалил секторот на Брајтон: „Тие се наш најголем ривал на некои пазари“.
Главна алатка при барање играчи е огромната анализа на информации за фудбалерите по цел свет благодарение на фирмата Starlizard, во сопственост на газдата на Брајтон, Тони Блум.
Оваа компанија со посредство на анализа на огромна маса податоци од секој настан, им давала консултации на обложувачи и прогнозери кои им биле клиенти. Во компанијата работат воглавно математичари или специјалисти од областа на информациски технологии.
Пред Брајтон, Тони Блум го пробал овој систем на масивна анализа во фудбалскиот клуб Јунион од Белгија. Компанијата на Блум разработила специјална програма која го пресметува соодносот на цена/квалитет и перспектива за развој на кариерата а исто така и други параметри.
Делото Блум го продолжил во Брајтон. На клупските скаути им се дава список за набљудување играчи и тие составуваат извештаи за фудбалерите. Со бои ги обележуваат во своите списоци: зелено светло е одлична кандидатура, жолто е играч близу клубот но со уште неопходни неисполнети критериуми, а црвена боја - проверката треба да продолжи.
Поранешниот шеф на одделот за технички развој во ФИФА, Гарет Џенингс, кој работел и во Лестер и Стоук Сити, ја објаснил посебноста на трансфер политиката на Брајтон:
„Тие не бираат играч за кратка перспектива. Погледнете ги нивните потписи во јануари 2023-та - 6 милиони фунти за 18-годишен перспективен играч Факундо Буонаноте од Росарио Сентрал.
Тие постигнуваат добар баланс кога бараат играч кој ќе се вклопи во нивниот стил на игра. Брајтон е доследен во своите принципи“.