Чудесните бројки на бројот 10

По 4 одлични сезони во Холандија, оди во Англија каде помина исто 4 сезони но не се адаптираше на средината и решил да се врати во омилената земја која вели дека е далеку поубава и позелена од Англија.

Цела сезона се зборува за младите бисери на Ајакс - стоперот Де Лихт и Френки Де Јонг кој потпиша астрономски договор со Барселона.

Но во Мадрид чуда правеше 30-годишниот Душан Тадиќ (2 асистенции, втората после „рулет“ потег во стилот на Зидан и еден гол). Тадиќ во моментов ја игра најдобрата сезона во кариерата - 26 гола и 11 асистенции на 40 меча.

Стана првиот фудбалер на Ајакс после 8 години кој направил две асистенции на еден меч од ЛШ. Последен пат тоа му тргнало од нога на Кристијан Ериксен против Динамо Загреб.

Сезонава е особено фантастичен во Лига на шампиони - 6 гола и 4 асистенции. Такво нешто немал ниту еден играч на Ајакс уште од времето на Јари Литманен во средината на ’90-те години.

„Реал секогаш беше мој омилен тим, а Зидан отсекогаш беше мој омилен играч. Посебно беше се што ќе направеше тој. (за втората асистенција до Нерес) - Можеби сум гледал многу видеа од Зидан“, изјавил српскиот репрезентативец после мечот.

Ајакс го доведе Тадиќ од англискиот Саутемптон за не баш малку пари за нивни услови - 11 милиони евра. Душан одигра четири сезони во Премиер лигата во кои постигна помалку голови отколку за една сезона во Ајакс.

Во Англија тој дојде на барање на Роналд Куман кој добро го знаел Тадиќ од претходните настапи во Холандија.При Куман, Србинот ја одигра најдобрата сезона во Премиер лига 2015/2016 со 8 гола и 13 асистенции. Но веќе следното лето Куман замина во Евертон и Тадиќ опадна во форма.

Во септември 2018, само што вратен во Холандија, Тадиќ изјавил: „Многу е подобар животот во Холандија отколку во Англија. Таму е само Лондон, а овде се е чисто, зелено, добри улици, барови, ресторани. Холандија е посебна земја.“

До заминувањето во Англија тој играше четири сезони во Ередивизија - две за Гронинген и две за Твенте. Вкупно постигна 46 гола и 68 асистенции на 161 меч вкупно во холандската лига. 

Сезонава имаше гол и асистенции и против Баерн Минхен:

Во ноември 2016 пред мечот против Велс, репрезентативецот на Србија Филип Костиќ го споредил Тадиќ со Бејл: „Герет игра во таква селекција како Велс каде има главна улога, може со еден потег да го реши натпреварот. Но ние имаме одговор во Душан Тадиќ“, рекол Костиќ и делувал многу наивно.

Но синоќа Тадиќ покажа дека знае да биде одговор за Бејл. Одговор кој го носи Ајакс во прво четвртфинале после 16 години.

6 март 2019 - 10:59