По две освоени Европски првенства, титула од Светското првенство и 28 натпревари без пораз, Шпанија не успеа да ја мине последната пречка до пехарот кој им недостасува во нивната витрина. Најуспешната репрезентација во историјата ја прекина доминација на моментално најдобриот национален тим во светот.
Бразил им одржа фудбалска лекција на Шпанците и уште еднаш ја потврдија својата фаворитска улога за Светското првенство кое следната година ќе се одржи во нивната земја.
Но на Мундијалот во 2014-та освен што ќе треба да се борат против тешките противници на зелениот терен, тие ќе треба да одат и против историјата која вели дека ниту еден актуелен освојувач на Купот на конфедерациите не успеал да триумфира на следното Светско првенство.
Овој турнир почнал да се организира во Саудиска Арабија во 1992-та година каде триумфира Аргентина. На следното Светско првенство во САД во 1994-та година Аргентина беше елиминирана од Романија уште во осминафиналето.
Во 1995-та година триумфираше Данска, а од 1997-та година Купот на конфедерациите почнува да го организира ФИФА. Тогаш триумфираа Бразилците кои на Светското првенство следната година загубија во финалето од Франција.
Мексико го освои Купот на конфедерациите во 1999-та година, а во 2001-та победи Франција. На Светското првенство во 2002-та година Франција не успеа да ја мине ниту групната фаза.
Во 2003-та година повторно победи Франција, а од 2005-та година ФИФА започна да го организира Купот на конфедерациите во земјата домаќин на Светското првенство. Тогаш победи Бразил кој следната година на Светското првенство во Германија беше елиминиран во четвртфиналето од Франција.
Бразил повторно победи на Купот на конфедерациите во 2009-та година во Јужна Африка, а следната година на Мундијалот беа елиминирани во четвртфиналето од Холандија.
Оваа година Бразилците трет пат по ред го освојуваат Купот на конфедерациите и преостанува да видиме дали тие ќе имаат „трета-среќа" или пак историјата ќе се повтори и на Светското првенство кое тие ќе го организираат во својата земја.