Бразил има нов селектор

Шеесет и едно годишниот бразилски тренер Доривал Жуниор е нов предводник на кариоките кои се во голем резултатски пад во последно време. Се шпекулираше дека Карло Анчелоти на лето ќе ги преземе Бразилците, но од тоа нема ништо и Селесао има нов селектор.

Доривал Жуниор седнува на клупата на Бразил наместо в.д. селекторот Фернандо Диниз кој забележи неколку порази и падна на табелата од квалификациите за Светско првенство.

Доривал дал оставка на тренерската позиција во Сао Пауло за да стане селектор.

„Ова е исполнување на сонот кое стана можно само затоа што добив признание за мојата предана работа во Сао Паули. Затоа сум должен да ви се заблагодарам на сите за тоа што бев дел од еден важен период за клубот кој одлично го водеа претседателот и советот на директор“, пишал Доривал во соопштението.

И претседателот на клубот Хулио Касарес му се заблагодарил на тренерот за се што направил.

КОЈ Е ДОРИВАЛ ЖУНИОР?

Сета играчка и тренерска кариера Доривал ја проаѓа во Бразил. Играл за Палмеирас, Гремио, Коритиба и други помалку познати клубови. Како играч освоил шампионска титула во државите Санта Катарина и Рио Гранде де Сол во Бразил.

Тренерскиот пат му е пославен: почнал од мали непознати клубови но потоа ги предводел речиси сите најголеми бразилски клубови. Освоил три Купа на Бразил а во 2022 освоил и Копа Либертадорес со Фламенго. 

Во 2010-та година со млаадите ѕвезди Нејмар, Гансо и Алан Патрик во Сантос, тренерот Доривал освоил Куп на Бразил и шампионска титула.

Во септември истата година имал конфликт со Нејмар кога не му дал да изведе пенал за што бил критикуван од ѕвездата. Сантос тогаш застанал на страна на младиот Нејмар и го отпуштил Доривал. Ќе биде интересно да се види дали сега ќе го повикува за репрезентација кога Нејмар ќе се опорави.

Во 2013-та година добил отказ од Фламенго поради тоа што не се согласил на намалување на платата.

БРАЗИЛ ГО САКАЛ АНЧЕЛОТИ НО ТОЈ ГО ПРОДОЛЖИ ДОГОВОРОТ СО РЕАЛ

Пред една година се појавија гласини дека нов селектор на Бразилците кои веќе долги години немаат нов шампионски трофеј, ќе стане Карло Анчелоти. Италијанецот не се огласуваше по оваа тема а во летото 2023-та претседателот на Бразилската фудбалска конфедерација Едналдо Родригез изјави дека Карло Анчелоти ќе ја преземе репрезентацијата после Копа Америка 2024.

Анчелоти дури и имал усмен договор со Бразилците и сите детали биле договорени тој да стане четврти странски тренер во историјата на Бразил. Но сагата заврши на крајот од 2023-та кога Анчелоти потпиша нов договор со Реал Мадрид до 2026-та.

На Бразилците не им останало ништо друго освен брзо да реагираат и го назначиле Доривал Жуниор за нов селектор.

Кариоките минуваат низ резултатска криза. По слабиот настап на Светско првенство 2022 кога испаднаа во четвртфинале од Хрватска, го отпуштија селекторот Тите, но после него започна резултатска криза. На девет меча после Мундијалот Бразилците имаат пет порази, три победи и една нерешена. Во квалификациите за Светско 2026 Бразил падна на шесто место (последно кое води во баражот за Мундијал во САД, Мексико и Канада).

Лидерот Аргентина им бега осум бода.

9 јануари 2024 - 12:19