
Пет години откако Џуд Белингем ја освои наградата за најдобар млад фудбалер во Чемпионшип тогаш како играч на Бирмингем, сега истото признание го доби брат му.
Џоб Белингем игра за Сандерленд со голем успех и го чека највредниот меч во фудбалскиот свет: финале на бараж за пласман во Премиер лига, натпревар проценет на стотици милиони евра.
ЏОБ ИМА ПОВЕЌЕ ОД 100 НАТПРЕВАРИ ВО ЧЕМПИОНШИП, НА ЧЕКОР Е ОД ПРЕМИЕР ЛИГА
На 40 натпревари сезонава Џоб Белингем постигнал четири гола и има три асистенции. Тој игра како последен играч за врска, пред одбраната а зад средниот ред. Затоа и не е толку ефикасен како брат му.
Џоб и Џуд се единствени браќа кои ја добиле оваа награда за најдобар млад играч во Чемпионшип.
Џуд кој сега е голема ѕвезда на Реал Мадрид, уште на 17 години дебитираше за Бирмингем. Тогаш и ја доби наградата а брат му на 19 години. Џоб исто влезе и во тимот на сезоната заедно со најдобриот фудбалер во Чемпионшип, Густаво Хамер од Шефилд Јунајтед (ќе бидат ривали во големото финале на баражот на „Вембли“).
Помладиот од браќата, Џоб до 19 години успеа да одигра повеќе од 100 натпревари во Чемпионшип.
„Неверојатно е чувството, доказ за работата на сите во Сандерленд. Многу сум среќен и благодарен за се во последните две години а не само за оваа. Цел тим многу добро ја почна сезоната и јас исто добро стартував. Мислам дека станав посилен и позрел во својата игра. Јас играм малку поинаква улога во далеку подобар систем. Не се предававме, едно време бевме лидери и ја заслуживме оваа позиција (Сандерленд на крај заврши четврти). Му благодарам на Чемпионшип не само за себе туку и поради брат ми“.
Џоб ќе проба да го внесе својот сакан Сандерленд во Премиер лига и летово најверојатно ќе замине. Постои сценарио како она на брат му: Борусија Дортмунд е спремна да го потпише Белингем-помладиот. Новинарот на Скај Спорт Патрик Бергер пиша дека „милионерите“ сакаат да го видат на Светско клупско првенство во нивниот дрес. Трансферот би чинел од 25-30 милиони евра.
Ајнтрахт Франкфурт исто така е заинтересиран за ѕвездата од среден ред на Сандерленд, со цел да се засили за Лига на шампиони. А во март за него интерес пројавил и РБ Лајпциг. Таму собрале голем фонд информации за Џоб но сметаат дека трансферот за нив би бил прескап.
Минатата зима Џоб го поврзуваа со други клубови од Премиер лига но за сега само германските се заинтересирани.
ПРЕДНОСТИ И МААНИ НА ЏОБ БЕЛИНГЕМ
Како и Џуд, така и Џоб го почнал своето фудбалско воспитание во Бирмингем.
Џоб не напредувал така брзо во академијата на Бирмингем како неговиот постар брат, но и двајцата релативно близу по датум дебитираа за првиот тим. Во јануари 2022-ра, кога Џоб имаше 16 години и 107 дена дебитираше за Бирмингем, а претходно рекордот за најмлад дебитант на првиот тим го држеше брат му Џуд Белингем кој дебитирал 69 дена порано од Џоб.
„Постои голем притисок врз Џоб поради тоа што Џуд му е брат и порадо тоа мораме да го заштитиме“, рекол тогаш тренерот на Бирмингем Џон Јустес.
За разлика од Џуд, Џоб не се зацврстил веднаш во првиот тим на Бирмингем и во сезоната 2022/2023 најчесто влегувал од клупа за резерви на крај од мечот.
„Тој (Џоб) е неверојатно талентиран, тоа не може да се одрекне, но м требаат година или две повеќе отколку на брат му. Џоб е во негова сенка, нели е така“?, рекол капитенот на Бирмингем, легендарниот Трој Дини.
Пред својот 18-годишен роденден Џоб решил да замине од својот матичен клуб Бирмингем и да побара шанса на друго место. Во трансфер вреден 1,75 милиони евра тој премина во Сандерленд. На новото место, кај „црните мачки“ Џоб Белингем набрзо заиграл уште од прво коло во прв состав, го постигнал првиот дебитантски гол во сениорски фудбал и во моментов го сметаат за најголем талент во Чемпионшип.
„Двајцата браќа имаат мошне сличен начин на размислување во смисла на немилосрдна потрага за она што сакаат да го постигнат. Џоб донесе смела и тешка одлука да го напушти Бирмингем, клуб за кој навивал од детство“, вели Мајк Додс кој работел во академијата на Бирмингем со двајцата браќа а сега е во тренерскиот штаб на Сандерленд.
За карактерот на Џоб иако има само 19 години говори и фактот што пред сезоната 2023/2024 тој побарал од луѓето во Сандерленд на дресот да стои само неговото име. Сега тој на терен не е Белингем туку просто Џоб.
„Мислам дека тој се обидува да изгради сопствен идентитет. Тој не сака да живее на слава на брат му, туку сака да покаже на што е способен“, вели Тони Моубреј, поранешен тренер на Сандерленд.
Што се однесува до позициајта, Џоб може да се нарече универзалец. Во детството играл напред.
„Ние го донесовме да тренира уште од најрана возраст и јас видов како тој играше на позиција напаѓач практично до У-14. Само после некое време неговата позиција се смени“, рекол Мајк Додс кој му бил тренер.
Во сениорски фудбал Џоб игра на која било позиција во среден ред: шестка, осумка и десетка. Кога Џоб Белингем штотуку преминал во Сандерленд, тренерот Моубреј го сметал за играч во среден ред но без фиксна улога.
„Тој уште не играл толку многу во сениорски фудбал. Нам ни треба да сфатиме дали тој ќе игра тука околу осумката, десетката или ќе биде на подлабока позиција, на шестка. Ќе го решиме тоа со тек на време на тренинзи и натпревари“, рекол Моубреј пред неколку години.
Самиот Џоб се смета себе за универзалец.
„Најмногу од се сакам да играм бокс-ту-бокс, зошто така можам да одам во одбрана и да тргнам напред. Но сметам дека имам добри карактеристики да играм и напаѓач или десетка. Имам жед за голови“, рекол Џоб Белингем.
Браќата не ги обединува само универзална позиција. И двајцата се физички мошне надарени: „Годинава Џоб качуи 10 килограми, тој ќе биде апсолутен ѕвез како и брат му“, рекол Трој Дини во март 2023-та.
„Кога стоите до него сфаќате дека има уникатно тело за 18-годишен тинејџер“, рекол тренерот Мајк Додс.
22-годишниот соиграч на Џоб од Сандерленд, Ден Нил вели: „Покрај него јас изгледам како 17-годишник. Тој физички е просто ѕвер. Јас никогаш не сум видел 17-годишник со таков габарит“.
Браќата се и високи, Џоб е висок 1.88 сантиметри а некаде стои и дека има 1.92 сантиметри. Џуд Белингем е висок 1.86 сантиметри.
И двајцата ги краси одлична способност за удар од далечина, имаат прецизен шут. Благодарение на таа навика Џуд постигна еден куп голови за Реал Мадрид, а Џоб за Сандерленд.
„Тој (Џоб) има природен дар да се најде на право место во право време, а мислам дека тоа не може да се тренира и научи“.
Ѕвездениот статус на постариот брат од браќата Белингем направи голема врева и околу помладиот брат Џоб. Но тој и тоа како заслужува понуда од некој голем клуб од европските лиги... Веќе во сабота може да го оствари сонот и да се пласира со Сандерленд во Премиер лига.