Аргентинскиот напаѓач Мауро Ѕарате направи трансфер од Велез во Бока Јуниорс, а тоа за навивачите на Велез е голем удар бидејќи се работи за премин во лутиот градски ривал.
Вестите кои денеска стигнаа од Аргентина на таа тема се страшни и загрижувачки за Ѕарате и неговото семејство, бидејќи во школото каде учи неговата ќерка е поставена бомба. Според информациите од полицијата се работи за закана кон Мауро.
„Ќе ни ги убијат и децата и нас. Имавме закани на WhatsApp, Instagram и Twitter. Луѓето не разбираат дека ова е само работа. Во школото на ќерка ми Миа сите се евакуирани поради дојавата за бомба и тензијата е многу голема“, вели неговата сопруга Натали.

Ѕарате ја почна кариерата во Велез во 2004-та, клуб каде се калеше и како млад, а еден од најразочараните за неговиот трансфер во Бока Јуниорс е брат му.
„Мауро ми заби нож во грб. Уништен сум. Ја изневери цела фамилија и 40 годишната традиција која ја имавме со Велез. Ми се плаче, Таму сме родени и израснати“.
Аргентинскиот напаѓач е шокиран од заканите и реакциите на навивачите кои палеа дресови од него, а преминот во Бока го смета за исполнување на неговиот детски сон, како и играње за Аргентина.
За трансферот на Коларов во Рома, со кој настапуваа заедно во Лацио изјави дека тоа е нешто што никогаш не би му го сторил на својот клуб, но со овој потег си го погазува зборот.
Мауро Ѕарате во тандем со Пандев имаше одлични партии во дресот на Лацио, а голем белег оставија на римското дерби кога по само 4 минути игра ја треснаа Римската Волчица со два евроголови. Тоа дерби се одигра во 2009-та и заврши 4:2 за Лацио.