Бледо деби на Анчелоти за Бразил, Аргентина го освои и Чиле

Фудбалерите на Бразил во својот прв натпревар со новиот селектор Карло Анчелоти одиграа само 0-0 против Еквадор на гости. Бразилците играат слаби квалификации и после 15 кола се на 4. место со дури 12 бода помалку од големиот ривал Аргентина која веќе е на Светско првенство.

Epa images
Epa images
Photo: EPA Images

Бразилската репрезентација му гостуваше на Еквадор во натпревар кој заврши без голови. За 90 минути фудбал кариоките имаа само една прилика и тоа во 22' минута преку Винисиус Жуниор кога голманот на Еквадор Гонзало Ваља одбрани.

Еквадор кој игра одлични квалификации и е втор на табела па после 15 одиграни кола има 24 бода колку што има и третиот Парагвај, имаше поголем посед на топка во текот на целиот натпревар и повеќе удари кон противничкиот гол.

Бразилците повеќе се посветија на одбраната. Во следно коло Бразил го пречекува Парагвај на домашен терен а Еквадор ќе оди кај Перу во обид да обезбеди пласман на Светско првенство.

Аргентина која одамна обезбеди и математички сигурен пласман на Мундијал 2026, оствари нова победа. Овојпат против Чиле во Сантијаго со 0-1 а единствениот гол беше дело на шпицот на Атлетико Мадрид Хулиан Алварез во 16' минута.

Интересно од клупа за резерви на овој меч влезе Лионел Меси кој истрча на теренот во 57' минута наместо фудбалерот на Реал Мадрид позајмен во Комо Нико Паз. А од клупата влезе и најголемото чудо во аргентинскиот фудбал во моментов, 17-годишниот Мастантуоно од Ривер Плејт кој наскоро би можел да потпише договор со Реал Мадрид.

6 јуни 2025 - 08:51