31 август 1997-ма е посебен и незаборавен датум за секој навивач на Интер бидејќи на тој ден Џузепе Меаца му кажа добредојде на Роналдо. Немаше навивач кој не очекуваше гол на неговото деби против новиот прволигаш Бреша.
Но фудбалот затоа е возбудлив, затоа што е непредвидлив. Шоуто на „Ил Феномено“ кој пристигна со рекордни 34 голови за една сезона во Барселона, го украде Дарио Хубнер. Добива топка со очи од 18 годишниот Андреа Пирло, ја прима на коленце и потоа со лева ја пука во агол. Паљука не ја виде.
Така дебитираше италијанскиот напаѓач, инаку по татко Германец, во Серија А. На 30 години, против еден амбициозен Интер на преполн стадион каде сите беа во очекување да блесне миленикот на цел свет.
„Тоа беше бајка. Јас бев навикнав да играм пред 15-20.000 луѓе, а се најдов на еден фантастичен стадион кој крцаше до даска со 80.000 публика. Ако го додадам тоа што тој гол го постигнав на моето деби во Серија А, тогаш јасно е зошто го сметам за еден од моите најубави моменти во животот“, рече Хубнер.
Тоа не беше случајност. Човекот кој заигра во најелитното италијанско друштво како ветеран во време кога во Серија А играше кремот на светскиот фудбал, следното коло против Сампдорија ги шокираше сите со хет-трик против Сампдорија.
Според тоа како се одвивала неговата младост, ниту случајно некој не би помислил дека тоа ќе биде напаѓач кој ќе заигра во Серија А.
На 14 години Дарио решил да работи како ковач.
„Секој во својот живот треба да сфати кои се неговите квалитети. Мене во школо не ми одеше лошо, но во тоа време не беше тешко да се најде работа како што е сега и затоа решив со школото, паралелно и да работам. Во 7 часот наутро веќе бев во фабрика, а во тој период тренирав фудбал два пати неделно во една приватна школа. Тогаш не се заработуваше од фудбал како сега. После натпревар одевме во бар каде ни следуваше пијалок и кроасан. Никогаш нема да заборавам дека и на 20 години играв нисколигашки фудбал, а за живот заработував работејќи како ковач. Ако тимот Пјевиџина не ме викнеше на проба, немаше никогаш да станам фудбалер и веројатно ќе бев работник цел живот“.
И така од ковач во фабрика, сега зад неговото име стои еден чуден рекорд кој го дели со Игор Проти. Тоа се единствените двајца фудбалери кои успеале да станат најдобри стрелци во една сезона во Серија А, Серија Б и Серија Ц. Уште еден показател плус за разновидниот пат на Хубнер.
Кариерата ја почна во 1987-ма, а едно скалико погоре направил 5 години потоа откако заигра за Чезена во втора лига. Ниту една од петте сезони не ја заврши без двоцифрен број на голови, па така стигна повикот во прволигашиот Бреша и дебито во Серија А во сезоната 1997/1998.
На клупата Сандро Мацола, во среден ред младиот и перспективен Андреа Пирло, а во напад великанот и негов врсник Роберто Баџо кој не му беше конкуренција, бидејќи на позицијата на Хубнер играше Игли Таре.
Беше ли легендарниот Баџо најдобриот партнер во напад со кој си играл?
„Да и не, во смисол дека тој беше еден од најдобрите напаѓачи во свет кога играше во Фиорентина и Јувентус. Кога играв со него веќе беше во поодминати години и го мачеа повреди. Иако тој ја правеше разликата, не беше во таа врвна форма која сите ја паметиме. Заедно имавме по 33-34 години и Роби имаше проблеми со коленото. Но ударите му беа исти и кога требаше да шутира од далеку сите му се плашеа. Во тоа време најмногу ме импресионираше Пирло. Беше многу млад, но беше феномен. Кога ме прашуваат кој е најдобриот играч со кој сум играч, без двоумење велам Пирло“.
И покрај годините и меракот да се напие и да запали цигара после натпревар, Дарио Хубнер одигра за Бреша незаборавно. Четири сезони - 75 гола, а последната сезона пласман во Интертото Купот.
Човекот уствари како старееше беше с подоабар и подобар, па така на пример во сезоната 2001/2002 кога водечки голгетери во Серија А беа имиња како Шева, Креспо, Батистута, Виери, Муту, Монтела, Пипо Инѕаги и ред други, стрелец број 1 беше замислете Дарио Хубнер. Не знаеш дали да се чудиш или да се смееш.
Таа сезона заигра за Пјаченца, а признанието го подели со Трезеге со кого имаа по 24 голови. Хубнер тогаш со 35 години стана најстар стрелец во Серија А. Рекордот му го сруши Лука Тони во 2015-та.
По оваа неверојатна сезона Хубнер доби шанса да оди на летна турнеја со Милан, но таму не се истакна и се врати во Пјаченца за која во втората сезона даде 14 гола. За кусата проба во Милан, анегдота за раскажување има Карло Анчелоти.
„Беше мај 2002-ра година кога Дарио Хубнер го земавме на позајмица во Милан за турнејата во Америка. После прво полувреме заминав на разговор со играчите, но Хубнер го немаше во соблекувална. Прашав каде е, а Абијати одговори дека е во тоалет. Ја отворив вратата и го гледам со цигари Малборо во рака и пиво кој си го земал од хотел. Дарио што правиш? Добиваш шанса да заиграш во Милан, а ти пушиш и пиеш. Тој ме погледна и смирено ми одговори: Тренеру, искрено ова го правам цел живот и ако не го правам нема да можам да го извадам најдоброто од мене. Што се однесува до Милан, дојдов тука за да се изрекламирам и да си ја продолжам кариерата за уште 2-3 години. Сакате цигара? Тогаш сите во соблекувална почнаа да се смејат, па дури и јас. Таков беше Дарио, гениј до даска“.
Вака го објаснуваше Хубнер својот порок.
„Тоа ми беше начин со кој ја победував нервозата и едноставно имав потреба. На крај на прво полувреме го слушав тоа што ми го кажува тренерот, а потоа одев во тоалет и пушев. Некои пиеа час, други вода, а јас палев цигара. Ќе земев 3-4 дима и потоа ја фрлав“.
Легендарниот напаѓач со легендарен прекар „Бизон“ постигна над 300 голови во својата кариера од нив 38 од пенал и заработи 36 жолти и 10 црвени картони.
Пјаченца не беше последната станица на човекот кој излезе од фабрика на 20 и нешто години и потоа заигра со Баџо во напад. Неговата кариера заврши на 44 години играјќи потоа за мали клубови.
Кога во 2006-та заиграл за еден клуб кој се води како аматерски, во лигата откриле дека Хубнер има потпишано договор со плата и бонуси и го суспендирале на една година (потоа казната му ја смалиле дупло). Образложението било дека аматерските клубови не смеат да склучуваат професионални договори со фудбалери.
Откако имал куса неуспешна тренерска кариера, Хубнер отворил бар. Претседателот на Бреша, Кориони за него рече:
„Без цигари и ракија ќе беше најјак“.