БиБиСи им се извини на Грците затоа што нè нарекле Македонија

БиБиСи Велс со официјален допис им се извини на Грците затоа што за време на радио преносот од натпреварот Македонија - Велс, нивните коментатори нè нарекувале со уставното име.

Македонија ја пречека репрезентацијата на Велс на 6 септември во рамките на квалификациите за Светското првенство во Бразил и ја заслужи победата од 2:1 со головите на Тричковски и Трајковски.

Натпреварот од Националната арена Филип II во Скопје беше пренесуван на повеќе ТВ канали и радио станици низ цела Британија. Велшаните немаа проблем да го користат нашето уставно име за време на натпреварот, но очигледно тоа им посметало на Грците кои и овојпат бучно протестирале, па БиБиСи мораше да се извинува.

„Многу ни е жал што сте разочарани од нашата содржина. БиБиСи се обидува да испорачува точни и квалитетни информации и нашата публика е во центарот на се што ние работиме и затоа го цениме мислењето на слушателите.

Разбирам дека именувањето на Бившата Југословенска Република Македонија е чувствително прашање и нарекувањето на тимот со името „Македонија" може да биде навредливо, посебно за слушатели и гледачи од Грција. Сигурен сум дека ќе прифатите дека тоа не беше наша намера и дека ќе ги известам коментаторите и целиот наш коментаторски тим за да им ја потенцирам важноста за точното именување на државата." се вели во одговорот на БиБиСи Радио Велс.

Извинувањето на БиБиСи е одговор на поплаките кои Грците ги испраќале до британската медиумска куќа.

„Безброј пати на вашата програма го користите името Македонија кога се обраќате за државата БЈРМ. Јас потекнувам од Грција и сум навреден кога на вести или спортски преноси ќе го користите името на северниот регион од Грција за држава која не е Грција. Исто како што е погрешно претставувањето на моите пријатели од Велс кога на нив им се обраќаат со „Англичани" (најчесто кога се на одмор во странство), би сакал да потенцирам колку сум погоден од ова, посебно што поранешната Југословенска новоформирана фржава нема никаква поврзаност со Македонија или Грција", е една од грчките поплаки која пристигнала на адресата на БиБиСи.

2 октомври 2013 - 09:07