Новопромовираниот прволигаш Беневенто не знае кај тера и секое коло си го руши сопствениот рекорд на најмногу порази по ред на стартот на првенството.
Викендов беа декласирани пред своја публика од Лацио со 1:5, а поразот им беше запечатен по само 24 минути игра кога на семафорот стоеше 0:3. Во моментов имаат 11 од 11.
Кутриот мал клуб кој доаѓа од град со 60.000 жители и игра на стадионче со 16.867 седишта, од формирањето во 1929-та година па се до 2010-та се движеше меѓу трета и петта лига, а сега е жртва број 1 во Италија против кој сите штанцаат по 3 бода.
Дома загубија од Болоња (0:1), Торино (0:1), Рома (0:4), Интер (1:2), Фиорентина (0:3) и Лацио (1:5), а на гости од Сампдорија (2:1), Наполи (6:0), Кротоне (2:0), Верона (1:0) и Каљари (2:1). Имаат примено 29 гола, а дадено само 4.
Кристал Палас, Алавес и Мец кои се на дното во Англија, Шпанија и Франција имаат барем по една победа, а најблизу до Беневенто од најсилите 5 европски лиги е Келн со 2 ремија и 8 порази. Без победа, ама барем со две нерешени е Витоша Бистрица од Бугарија кој по 14 кола има 12 порази.
Беневенто е многу близу до израмнување на европскиот рекорд кој го држат Манчестер Јунајтед (1930/1931) и Гренобл (2009/2010), единствените екипи со 12 порази по стартните 12 кола.
Во 12. коло од Серија А кое е на програмата следниот викенд, на Беневенто му го запишуваме поразот број 12 и израмнувањето на најлошиот рекорд. Зошто уште сега? Па му гостуваат на Јуве. Кецот сигурно ќе биде 1.05.