Фудбалскиот клуб Барселона сезоната 2011/12 ја заврши со профит од 40 милиони евра, но сепак остана во големи долгови кои во моментов изнесуваат 340 милиони евра. Според некои аналитичари, реалниот долг е уште поголем, но тој е скриен на повеќе банкарски трансакции.
Раководството на клубот ќе спроведе неколку мерки за намалување на долгот, а првите чекори се ограничување на буџетот за трансфери и одложување на планираното реновирање на стадионот.
„Во просек ќе можеме да трошиме 40 милиони евра, што значи дека ако едно лето купиме играчи во вредност од 10 милиони, тогаш следната година на располагање ќе имаме 70", изјави претседателот Сандро Росел.
Веќе неколку години наназад се планираше и реновирање на Камп Ноу, но овој проект може и да почека.
„Не можеме да се впуштиме во оваа инвестиција додека не го намалиме долгот. Ќе одиме чекор наназад за да направиме три нанапред. Кога ќе дојде време за тоа, одлуката за реновирање на стадионот и изградба на нов спортски центар ќе ја донесат навивачите", дополни Росел.
Финансиската криза го примора раководството да ја промени и традицијата на клубот откако неодамна за прв пат во клупската историја на дресовите на Барселона се појави и реклама од комерцијална компанија.